Во текот на викендот, стотици граѓани, претежно помлади луѓе заминаа во Србија за да ја добијат првата доза од вакцината.
И денес на граничниот премин Табановце, кон соседна Србија беа забележани колони возила. Граѓаните од земјава кои сè уште не се вакцинирани против Ковид-19, вакцината ја примаат во најблиските пунктови, најчесто во Здравствениот дом во Врање, како и во Бујановац.
Во текот на викендот, стотици граѓани, претежно помлади луѓе заминаа во Србија за да ја добијат првата доза од вакцината. Според РТС, не беше потребно закажување, доволно да се покаже само лична карта, а граѓаните можеа да бираат вакцина или од Синофарм или на Фајзер.
Македонските граѓани кои масовно се вакцинираа со АстраЗенека во Белград или во Ниш последниот викенд во март, за ревакцина, доколку се под 60 години, повторно ќе треба да патуваат во Србија. Се очекува овие денови македонските здравствени власти да соопштат дали е договорено со Министерството за здравство на Србија, тоа да им биде овозможено на некои од поблиските вакцинални пунктови. Министерот за здравство, минатава недела изјави дека преговара со неговиот колега министерот за здравство на Србија, тоа да биде или на вакциналниот пункт во Врање или во Ниш. Се претпоставува дека во Србија досега се вакцинирани повеќе од 20.000 македонски државјани.
Според информациите од министерството за здравство, вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 443.374 граѓани.
- На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 249.187 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 1.755 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 9.142 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 399.962 дози вакцини, а ревакцинирани се 150.775 граѓани. Со последните бројки 48% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 42% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 35% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, информира МЗ.
Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.