Од комората се апелира ваквото решение да се преиспита.
Отпуштања до 30 проценти, неизвесна реализација на капиталните проекти, застој во производството, повисоки трошоци, намалена продуктивност и несигурен поврат на инвестициите, ќе предизвика законското решение за недела неработен ден кое помина без да бидат земени предвид забелешките и предлозите на бизнис заедницата, реагира денеска Стопанската комора во земјава.
Комората апелира Собранието да го преиспита ваквото решение и воедно бара, со Законот за работни односи да нема ограничувања, туку да се дозволи секоја дејност сама да одлучи дали ќе работи во недела.
Претставници на градежниците, обложувалниците и прехранбената индустрија денеска на прес-конференција потенцираа дека неработењето во недела не значи придобивка за работниците како што некој сака да прикаже, туку е прашање кое ги засега сите, и раководители и инженери и техничари и директори, поради што мора соодветно да се реши.
Извор: frontline.mk