На денешната трибина на тема „Вакцинација и предизвици со Ковид-19“ на која учествуваа министерот за здравство Венко Филипче, претседателката на Националниот комитетот за имунизација Александра Грозданова, Драган Даниловски епидемиолог, Александар Петличковски од Институтот за имунобиологија и хумана генетика, се дискутираше за сите аспекти на вирусот ковид-19 и за процесот на имунизација. Главната цел на оваа трибина, како што кажа министерот Филипче, е да се зголеми свеста на граѓаните во врска со вакцинацијата. Разговорот течеше за сите теми поврзани со епидемиолошката состојба, делта вирусот (индиски сој), очекувањата, припремата и капацитетите, планот за имунизација и како истата ефективно да се спроведе во нашата земја.
„За да се прогласи крај на една епидемија треба два циклуси репродуктивни по 14 дена да нема дијагностицирано случаи и има некои предвидувања кај нас како тоа би можело да се случи, ако продолжат овие трендови. Тоа би се случило во месец август или можеби на почетокот на септември. Во моментов епидемиолошката состојба е стабилна,“ рече министерот.
„Околу 15-20 јули стартува теренската вакцинација во околните места на здравствените домови. Во комуникација со матичните лекари, Здравствените домови ќе ја спроведуваат вакцинацијата преку регрутирање на податоци од тоа колку од прикрепените пациенти се вакцинирани се со цел да се опфатат и останатите. На некој начин, секој Здравствен дом ќе биде регионален центар“, рече Филипче.
Во моментов се располага со доволен капацитет на вакцини, вклучувајќи ги новопристигнатите 500.000 дози на Синовак и 100.000 дози Фајзер. Веќе од утре кинеските вакцини ќе бидат дистрибуирани во сите центри низ државава, со што планирано е помеѓу 10.000-15.000 дози да се аплицираат како прва доза во следните две до три недели со што значително ќе се забрза процесот на имунизација и ќе се извакцинираат сите пријавени граѓани.
извор: meta.mk