Раст од околу 75 проценти на онлајн трансакциите е забележан во првиот квартал од годината, а за 126 проценти е зголемен прометот кон домашните е-продавници за 126 проценти, објави Асоцијацијата за е-трговија, повикувајќи се на податоците од Народната банка за безготовински платежни трансакции до 30 март годинава.
Според овие податоци, вредноста на онлајн трансакциите во земјата и во странство изнесува 86,6 милиони евра, што во споредба со истиот период лани кога се реализирале 49,6 милиони евра, претставува пораст за 74,6 проценти. Бројот на направени трансакции бележи пораст од 65 проценти, што значи дека вредноста на просечната трансакција е зголемена. Во првите три месеци од 2021 година реализирани се вкупно 3.228.182 онлајн трансакции во земјата и во странство, наспроти 1.954.957 онлајн трансакции во текот на првите три месеци од 2020 година.
За првите три месеци од годинава, граѓаните потрошиле 65,3 милиони евра за онлајн купување од домашни продавници што претставува пораст од 125,8 проценти во однос на истиот период лани. Во вкупната вредност на направени трансакции во овој период, трансакциите кон домашните компании учествуваат со 75,4 проценти.
Заклучно со 30 март годинава во земјава активни се 1.552 виртуелни ПОС уреди. За период од три месеци отворени се нови 93 онлајн продавници. Станува збор за активно регистрирани витруелни продажни места кои се пријавени од страна на петте банки кои во моментов нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги.