Ако досега секогаш кога ќе варите тестенини дома, водата во која сте ги вареле после тоа ја истурате во кујнскиот одвод (а не веруваме дека има некој кој не го прави тоа), после овие совети ќе ви биде криво што сте го правеле тоа.
Cooking Light пишува дека професионалните готвачи таа солена вода во која се вареле тестенините ја нарекуваат и „течно злато“, бидејќи го подобрува вкусот, но и текстурата на сосовите. Значи, наместо да ја истурате водата, додајте ја во сосот кој го послужувате со тестенините. Бидете сигурни дека ќе ја почувствувате разликата.
Исто така, готвачите тврдат дека никогаш не треба да ги варите тестенините во премногу вода, туку во онолку колку што е потребно за да се прекрие количеството тестенини кои ги варите.
Ако стравувате дека истите ќе се залепат поради „недоволно“ вода, готвачите советуваат дека нема потреба да се грижите за тоа, бидејќи нема да се случи такво нешто ако тестенините ги промешате неколку пати во првите две минути од варењето.
Токму поради помалото количество вода во кое треба да ги варите, во водата ќе остане совршено количество на скроб од тестенините и токму тоа ќе му даде посебен вкус на сосот.