Да бидат хигиеничари, да работат во производство или да бидат општи работници. Ова се опциите за невработените кои се без образование или имаат само основно образование, а такви има многу во Македонија, 79.138 невработени спаѓаат во оваа група. Од нив 41.688 се жени. Ако ги погледнеме огласите за вработување, работодавците обично бараат работникот да има завршено минимум средно образование.
Човек без знаење не може ништо да направи. Луѓето кои се без образование или седат без работа или работат тешка физичка работа. Сите млади треба да се образуваат. Денес е тешко и за тие со образование. И дел од нив се принудени да работат за минималец, а за оние без образование, знак прашалник дали и тоа ќе го добијат. Во време кога за многу работни места е потребно искуство, познавање на странски јазик и работа со компјутер, мали се шансите луѓето без или само со основно образование да најдат работа.
За некои посериозни работни места има многу повеќе критериуми кои треба да бидат исполнети. Луѓето кои се без образование или се со основно, добро е да се доквалификуваат, за да имаат знаења и вештини со кои ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот.
Непотполно средно образование имаат 14.042 невработени, со средно се 36.821, со виша школа 1.260, со факултет 11.249, со магистратура 853, и 27 од невработените лица во земјава се доктори на науки.
Во Европа, сликата е поинаква. Во 2020 година, 81 oтсто од луѓето на возраст од 25 до 54 години во ЕУ имале најмалку средно образование. Луксембург, Ирска, Кипар, Литванија, Холандија се земји со најголем процент на високо образовано население во рамки на ЕУ, покажуваат податоците на Евростат. Најмалку високо образовани кадри во ЕУ има во Романија. Бугарија е неколку скалила пред Романија.
извор: faktor.mk