Регулаторната комисија за енергетика одлучи да ја намали цената на парното греење во Скопје за 4 отсто, а веќе августовската сметка, што ќе дојде за наплата во септември, ќе биде со новите цени.
– Со оваа одлука имаме историски најниска цена за парното – рече претседателот на Регулаторната комисија за енергетика.
Цената на топлинската енергија од БЕГ се намалува за 4,35 отсто, при што граѓаните плаќаат фиксен надоместок, а цената за испорака на топлинска енергија се намалува за 6,39 отсто.
– Причина за ова намалување се, пред се што „ТЕ-ТО“ во Скопје значително го зголеми своето производство, а од друга страна цената на „ТЕ-ТО“ му ја намаливме за 15 отсто, во однос на цената на топланите – рече претседателот на Регулаторната комисија за енергетика.
Тој појасни дека трошокот за природен гас изнесува 22,23 денари од октомври до април, а од април до септември имаше цена од 12 денари. Се очекува цената на гасот да расте, но си овие мерки и намалување на цената на ТЕ-ТО за 15 отсто, ќе се избегнат ценовни шокови.
Трите компании кои испорачуваат топлинска енергија во Скопје, бараа зголемување на цените, а од Регулаторна добија намалување, за што претседателот вели дека тие не се задоволни, но дека методологијата која ја користи Регулаторна покажала дека цените може да се намалат, а компаниите не може да се жалат на оваа одлука.