Одобрената помош опфаќа помош на работниците со ниски приходи за летување во домашните туристички центри, како и поддршка за 258 туристички агенции, 17 ноќни клубови и 107 ресторани за свадби
Одобрени пари за помош на домашниот туризам, туристичките агенции, ноќните клубови и рестораните за свадби, се дел од одлуките кои биле донесени на синоќешната владина седница.
За мерката за поддршка на домашниот туризам за работниците со ниски приходи одобрени се дополнителни 22,9 милиони денари, со што наместо досегашните 15 милиони, сумата за првиот дел од оваа програма ќе изнесува 37,9 милиони денари.
„Со предвидената мерка ќе им се овозможи на лицата кои нивните месечни приходи во семејството не го надминуваат нето износот од 30 000 денари, да искористат годишен одмор во туристичките центри на Република Северна Македонија, и во исто време да им се помогне на туристичките центри за зголемување на обемот на работа надвор од туристичката сезона“,
велат од Владата.
Одобрени се и 50 880 000 денари за помош на 258 туристички агенции кои се јавиле на повикот за финансиска помош.
Владата даде зелено светло и за 8,3 милиони денари за помош на 17 ноќни клубови во рамки на програмата за помош во справувањето со ковид-последиците. 107 ресторани за свадби, пак, ќе добијат вкупна помош од 51,6 милиони денари.