Граѓаните кои поднеле барање и се фотографирале за нова лична карта, нема наскоро да ја добијат, поради тоа што новиот софтвер на МВР е инсталиран за со новото уставно име и е за двојазични картички. МВР вели дека не смее да престане да прима нови барања за лични карти.
„Ве известуваме дека согласно закон, Одделот за граѓански работи ги прима сите барања за лични карти, меѓутоа новиот Закон за лични карти, кој во март беше доставен во Собранието сè уште не е изгласан од страна на пратениците поради поднесени над 1.500 амандмани од страна на опозицијата. Од друга страна, техничките можности на системот на МВР предвидуваат печатење на сите лични документи, вклучително и личните карти, со новото уставно име на државата и согласно Законот за употреба на јазици, па од таа причина Министерството не е во можност да печати и издава нови лични карти“, вели МВР.
При поднесување на барање за лична карта странките добиваат потврда (одрезок од барањето) како доказ дека постапката за издавање на нов документ им е во процедура со цел остварување на свои права низ институциите во државата. Оттаму, на граѓаните сега тоа ќе им биде лична карта, но само во банките. Банките го уважуваат ливчето, велат од МВР. За другите институции, не е познато.
Се знае само дека со истечена лична карта или со ливче-потврда издадена по поднесувањето на барање за нова, не може да се патува во соседните држави во кои може да се патува без пасош.
Личните карти со старото уставно име, од влегувањето во сила на новиот Закон за лични карти, ќе можат да се користат до 12 февруари 2024 година.