На територија на земјава до синоќа имаше шест активни пожари, од кои три со поголем интензитет, три други беа локализирани, а еден е ставен под контрола. Во Центарот за управување со кризи состојбата со пожарите се следи преку системот НИКС кој дава податоци во реално време и кои потоа се дигитализираат, а како помош во справувањето со огнените стихии во земјава се вклучија и експерти за високоризични пожари од Франција, Црна Гора и САД.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) н вчера попладне во просториите на ЦУК оствари средба со амбасадорката на САД во земјава. Целта на средбата, како што информира Центарот, била претставувањето на тимот од Шумската служба на САД, којшто како поддршка од УСАИД на националните напори за справување со шумските пожари, во наредните две недели ќе пружи поддршка на субјектите и на ЦУК на стратешко и тактичко ниво, но и ќе се програмираат активности за понатамошна соработка.