„Кам Маркет“ е најголемиот македонски ланец на супермаркети според приходите од продажба кои лани, според официјалните податоци на Централниот регистар на Македонија (ЦРМ) надминале 7 милијарди денари односно изнесувале 114,7 милиони евра. Со овој резултат „КАМ Маркети“ го симна долгогодишниот лидер на ранг листата „Тинекс маркети“ кој лани имаше приход од продажба во износ од 5,95 милијарди денари односно безмалку 100 милиони евра.
Во големата тројка е и „Веропулос“ кој лани оствари приходи од продажба во износ од 4,8 милијарди денари односно околу 80 милиони евра. Во голема меѓусебна конкуренција се уште три значајни ланци маркети од кои два се многу присутни во централна и во источна Македонија, тоа се „КИТ –ГО “ и „Жито Маркети“, а „Стокомак“ е сконцентиран на Скопје.
Од овие три ланци за нијанса најголем промет има велешки „Жито Маркет“ и тој изнесува 2,93 милијарди денари, „КИТ ГО“ оствари приход од 2,84 милијарди денари, а „Стокомак“ остварил приход од продажба во износ од 2,83 милијарди денари. На нашата ранг листа, составена од официјалните податоци од ЦРМ, се наоѓа уште скопската компанија „Гранап“ која е најмала во оваа групација и има приход од продажба во износ од 224,8 милиони денари
„КАМ“ има најголем раст на приходи, „Веро“ има најголема добивка
„КАМ Маркет“ и штипската компанија „КИТ ГО“ имаат најголем раст на приходите од продажба што значи дека направиле најголема пенетрација и освојување нови пазарни позиции. Сепак резултатот на „КИТ ГО“ е позначаен ако се анализира од аспект на процентуален раст на приходот. „КАМ Маркет“ имаат раст од 830 милиони денари, но тоа на приходот од 2016 година е раст од 13,2 отсто, а кај „КИТ ГО“ растот изнесува 40 отсто, а во апсолутни бројки е 810 милиони денари.
Добивката на „Веропулос“ маркетите е најголема во однос на конкуренцијата. Таа изнесува 567,9 милиони денари, бележи мал раст во однос на лани, а е 11,8 отсто од целиот приход на продажба лани. „КИТ ГО“ има втор најголем коефициент добивка/приход од продажба и тој изнесува 4,3 отсто, „Стокомак“ и „Тинекс“ имаат коефициент добивка/приход од продажба кој изнесува 4,1 отсто.