Министерот за здравство Венко Филипче информира дека вакцинираните граѓани од земјава можат да патуваат каде сакаат, приложувајќи ги ковид пасошите и сертификатите. Според него ова е само потврда дека целиот свет се стреми кон вакцинација на населението и со тоа да се дојде до колективен имунитет,бидејќи единствено така може да го вратиме животот во нормала. Вака го објасни министерот ставањето на земјава на црвената листа на ЕУ, нагласувајќи дека тоа е поврзано и со вакциналната политика на земјата.
– За патување во земјите од ЕУ, на пример Германија на вакцинираните лица не им се потребни ПЦР тестови и карантин. Нашиот тим направи специјални напори, па така вакциналниот сертификат е признат во сите европски земји и сите кои што го поседуваат слободно може да патуваат – вели министерот Филипче.
Според министерот целта е да се зголеми бројот на вакцинирани лица кај нас, и потенцираше дека има значително зголемување во градовите каде што претходно интересот за вакцинација беше значително мал, како Гостивар и Тетово.
-Има разлика во опфатот по градови, каде највисок е во Охрид, во Кавадарци, во Неготино, во Ресен каде е 50 и 60 проценти. Во Гостивар е прилично низок каде процентот е околу 20, а најголем раст на вакцинацијата деновиве е забележан во Тетово-посочи министерот.
Филипче вели дека имунизацијата во земјава продолжува во сите вакцинални пунктови. Досега со една доза е вакцинирано 43 проценти од населението кои се над 18 години, 28 проценти над 18 до 39 години, 52 проценти на 40 и над 40 години. Околу 73 проценти се вакцинирани граѓаните над 70 години.
Тој нагласи дека од вчера како ковид центри се вклучени скопските интерни клиники кои што имаат капацитет од 200 кревети.
Извор: vecer.press