Најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека огревното дрво останува главниот енергенс што граѓаните го користат за затоплување на нивните домови во грејната сезона. Дури 49,18 отсто од домаќинствата во земјава ги затоплуваат домовите со огревно дрво или дрво од овошни насади.
Второто најкористено средство за загревање на домовите е електричната енергија, која ја користеле 31,3 отсто од македонските домаќинства. На централно парно греење се затоплуваат 10,25 отсто од објектите за домување, додека дрвените брикети и пелети како енергент ги користат 8,49 отсто од домаќинствата во текот на зимските месеци.
Анкетното истражување на ДЗС било спроведено на примерок од 3.500 домаќинства, при што на прашалникот одговориле 2.896 од лицата вклучени во примерокот од целата земја. Добиените резултати покажуваат дека минорен дел од населението користи други енергенти за загревање на домовите: нафта за ложење (0,51 отсто), јаглен (0,17 отсто) и течен нафтен гас-плин (0,10 отсто).
Статистичките податоци покажуваат дека во 2019 година потрошувачката на огревно дрво за затоплување на домаќинствата изнесувала дури 970.715 метри кубни. Истовремено, за загревање се потрошени и 4.350.878 килограми течен нафтен гас, додека за греење, ладење, готвење и останати работи домаќинствата потрошиле над 3 милиони мегават часови електрична енегија.
Доминацијата на огревното дрво кај загревањето на македонските домаќинства е главниот причинител за загадувањето на воздухот во земјава. Докажано е дека затоплувањето на домовите е главниот извор на аерозагадувањето, особено во делот на испуштањето на ПМ-10 честичките. Низ годините, опаѓа процентот на домаќинства кои го користат огревното дрво во зимските месеци.
Извор: meta.mk