На нецели три недели до први октомври, денот кога Владата најави дека треба да стартува- недела како неработен ден се чини дека тешко ќе биде реализирана оваа промена во зададениот рок.
Со оглед на краткото време за носење на законот но и измени во Законот за работни односи Фактор испратил прашања до Министерството за труд и социјална политика на што добиле потврден одговор за сомневањето.
„Во врска со вашите прашања ве известуваме дека Предлог на законот за измени и дополнувања на Законот за работни односи со кои се предвидува денот недела да биде ден за неделен одмор, се уште не е ставен на дневен ред на собраниската Комисија за труд и социјална политика. МТСП очекува дека ова законско решение наскоро ќе помине на матичната комисија, а потоа, согласно собраниските процедури, да се најде и пред пратениците на пленарна собраниска седница
Инаку за да стартува недела како неработен ден од почетокот на наредниот месец, ќе мора претходно пратениците да ги изгласаат измените на Законот за работни односи, како и измените на Законот за трговија, со кои ќе се уреди кои дејности ќе бидат исклучоци од прогласувањето на недела за слободен ден за работниците, колкава ќе биде дневницата и правата на оние што ќе работат во недела, но и како тоа прашање ќе се уреди за работењето на моловите.
Според анализите на Министерството за труд и социјална политика, за над 92 проценти од вработените во државата недела ќе биде ден за неделен одмор.
Со законските измени се предвидува повисока дневница за 100 отсто во моловите, но и за 50 отсто во дејностите каде не смее да се прекинува работата, плус еден слободен ден во текот на работната седмица. Оние што ќе работат во недела, ќе добиваат повеќе пари. Газдите, пак, што нема да го почитуваат овај закон ќе добијат клуч на врата на фирмите и плус парични санкции. Дали се тоа ќе се спроведува како што е замислено од први октомври, ќе контролираат трудовите инспектори.
Многу истражувања го утврдуваат значењето на рамнотежата помеѓу професионалниот и приватниот живот, како неопходен елемент во животот на работникот, затоа што оваа рамнотежа придонесува работникот да биде поефикасен и мотивиран на работното место, а од друга страна да има и приватен живот – семеен и социјален, што ги задоволува неговите потреби и потребите на неговите блиски. Гледано во национален контекст, односите со семејството и пријателите се традиционални вредности коишто треба да се чуваат и развиваат. Дополнително, работникот треба да има време да се занимава со хоби, да спортува и да посетува културни настани, а сето тоа, вклучително и исполнетиот семеен и социјален живот ќе му помогнат на работникот да го канализира оптоварувањето на работното место и да биде попродуктивен.
Сите што ќе работат во недела, имаат право на додаток на плата за работа во недела, а тој изнесува најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот. Исто така, овие работници, покрај правото на додаток на плата за работа во недела, имаат право и на користење на неделен одмор во наредните седум дена.
На крајот останува да ја почекаме одлуката.