Граѓаните и фирмите во првите шест месеци од годинава уплатиле 3,8 милиони евра за приватно здравствено осигурување, а бројот на договори за купени полиси од осигурителните компании пораснал за 48 проценти.
За пријавени штети во тој период осигурителните компании исплатиле 87,5 отсто повеќе средства во однос на истиот период лани и достигнале 92,6 милиони денари, односно 1,5 милиони евра, покажуваат податоците на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Во првите шест месеци годинава осигурителните компании кои продаваат полиси за приватно здравствено осигурување ликвидирале т.е. исплатиле 9.144 оштетни побарувања на свои осигуреници. Тоа, посочуваат од АСО, е за 68 отсто повеќе во споредба со истиот период претходната година кога друштвата за осигурување ликвидирале 5.432 штети.
Највисоката поединечна исплатена штета покриена со приватно здравствено осигурување изнесува 610.000 денари односно 10.000 евра.
За првите шест месеци годинава до АСО се доставени само две претставки од незадоволни осигуреници за покритие на штета по полиса за приватно здравствено осигурување.
Извор: m.makpress.mk