Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје го враќа правото на студентите со еден родител да плаќаат половина од износот на уписнината на факултетите. Оваа одлука била донесена на последната седница на ректорската управа.
Конкурсот за пријавување ќе трае во наредните 14 денови. Право на намалување на партиципацијата има секој студент кој запишал зимски семестар на додипломски студии, чие родителско право го врши само еден родител. Тоа значи дека на конкурост може да се пријави секој студент кој има само еден родител запишан во изводот од матичната книга на родените, има починат родител или родител кој го загубил родителското право.
Студентите треба да аплицираат на објавениот конкурс најдоцна до 6 октомври и до Претседателот на Комисијата во својата единица треба да достават пријава во која оние студенти од повисоките години ќе го наведат просечниот успех од положените испити, а бруцошите -вкупниот број на поени според кои се запишале во прва година.
Ранг-листите со студентите на кои ќе им бидат одобрени барањата треба да бидат објавени најдоцна на 13 октомври, по што апликантите имаат право на приговор. Конечната листа на добитници на погодноста за намалување на партиципацијата ќе биде објавена најдоцна до 27 октомври.
Сите информации и потребните документи кои студентите ќе треба да ги достават до своите факултети можат да се најдат на Интерниот оглас објавен од УКИМ.
Извор: meta.mk