Условите за влез во Грција остануваат непроменети до 1 октомври. Тие денес се продолжени
Влегувањето е дозволено со негативен антигенски тест на ковид-19, најмногу 48 часа пред пристигнувањето во Грција, или со негативен ПЦР-тест, направен во текот на изминатите 72 часа пред пристигнувањето.
Влезот е дозволен и во случај на целосна имунизација против коронавирусот, со потврда за вакцинација, под услов да поминале 14 дена од ревакцинацијата или со потврда дека лицето прележало ковид-19, во период од најмалку 30 и најмногу 180 дена од патувањето.
Овие обврски се однесуваат на возрасните и малолетните лица над 12 години, а сите лица (важи и за деца, без разлика на возраста) што влегуваат во Грција мора прво да пополнат електронска апликација - Формулар за локација на патници, преку веб-страница (најмалку 24 часа пред да влезете во Грција) - и при влезот да се презентира добиениот код.
Лицата што влегуваат во Грција, според важечките мерки, ќе бидат тестирани по случаен избор врз основа на здравствениот алгоритам и за сите патници, без оглед на националноста и начинот на влез, кои пристигнуваат во Грција од следниве земји: Македонија, Египет, Албанија, Аргентина, Бугарија, Бразил, Грузија, Куба, Обединетите Арапски Емирати, Индија, Кина, Либија, Мароко, Пакистан, Русија и Турција, а кои поднесуваат само негативен тест, услов за влез е негативен резултат од задолжителен ПЦР-тест и брз тест на влезните места во Грција. Задолжителното тестирање не се однесува на оние што имаат валиден сертификат за вакцинација 14 дена по втората доза или потврда дека ја прележале болеста во изминатите шест месеци. Европскиот дигитален ковид-сертификат сѐ уште е четвртата алтернативна опција за влез во земјата.