Инфлуенсерите, односно луѓето со голем број на следбеници на Инстаграм и другите социјални мрежи, се чини дека успеаа да го спојат убавото и корисното и да наплатат за тоа. Секако, удобниот живот е резервиран за мал број на инфлуенсери, а и тие често напоменуваат дека ниту нивниот живот не е лесен, затоа што зад секоја објава на социјалните мрежи, зад секоја фотографија има многу работа.
Често се поставува и прашањето – кога и кое лице на социјалните мрежи може да се нарече инфлуенсер, затоа што големите компании покрај самиот број на следбеници, следат која „критична маса" следи одреден профил на Инстаграм, Фејсбук или ЈуТјуб и дали лицето кое што се смета за инфлуенсер може да заработува од своите објави.
Таквите влијателни луѓе на социјалните мрежи се често видени гости во најпопуларните хотели во светот, но проблем е тоа што во последно време секој со поголем број на следбеници се смета за инфлуенсер и таквите лица ги „натрупуваат" хотелите со своите понуди. Токму на бројните барања за бесплатно сместување од 5 до 7 дена во ексклузивните хотели на Малдивите се жалат сопствениците на хотелите, кои што велат дека денес секој на Инстаграм се смета за инфлуенсер и бара бесплатен престој.
„Секој со профил на Инстаграм или Фејсбук денес се смета за инфлуенсер. Таквите луѓе просечно очекуваат од 5 до 7 бесплатни ноќевања заедно со доручек, ручек и вечера. Малдивите не се евтина дестинација", изјави Кејт Џонс за "The Atlantic" која што работи во еден од хотелите на Малдивите, откривајќи дека дневно добива и по 6 понуди од инфлуенсерите.
За проблемеот со „самопрогласените инфлуенсери" нагласи и сопственик на хотел во Даблин кој што јавно го објави мејлот на една инфлуенсерка со помалку од 100 илјади претплатници на Инстаграм и ЈуТјуб, која што побарала бесплатно сместување во неговиот хотел. Кога јавноста го дознала идентитетот на блогерката, таа била нападната и обвинета дека бара бесплатно сместување, а инфлуенсерите го нападнале и сопственикот на хотелот поради објавувањето на мејлот.
Тој на крајот и забранил бесплатно сместување на блогерите и инфлуенсерите кои што наместо да платат, секако понудиле реклама на хотелот на нивните профили на социјалните мрежи. Што се однесува до хотелите на Малдивите, тие и натаму ќе продолжат да им даваат на инфлуенсерите бесплатно сместување во замена за реклама, но сепак, за да се стигне до Малдивите, треба да се биде инфлуенсер во вистинска смисла на зборот.
vecer.mk