На 18 октомври 1955 година, излезе првиот од 923.487 автомобили „Застава 750“ од фабричката линија на „Застава“ во Крагуевац.
Автомобилот кој се појави во времето на силниот индустриски развој на Југославија, е направен по лиценца на „Фиат“, по што и го доби прекарот – „Фиќо“.
„Фиќото“ беше обожувано поради неговата економичност бидејќи можеше да си го дозволи секој просечен граѓанин. Покрај граѓаните, „Фиќо“ го користеа и државните служби – полицијата, поштите, здравствените домови и други.
Во тоа време, воениот врв за свои потреби побара од компанијата „ВТЗ“ во Крагуевац да откупи лиценца за производство на „Jeep Willys Overland“ кои беа првите возила составени во „Застава“, уште вo 1953 година.
Подоцна, по апелот од раководството на „Застава“, и покрај тензиите кои Југославија ги имаше со Италија, а кои се рефлектираа во кризата во Трст, државата одлучи дека, ако Трст не е наш, можеби „Фиќото“ би можело да биде. Преговорите со „Фиат“ започнаа, а ги водеше инженерот Бранко Николиќ.
По 4 месеци макотрпни преговори, тајно беше постигнат конечен договор и во 1954 година започна монтажата, прво на воените теренски возила „Фиат АП-55“, познати и како „Кампањола“, а потоа и на патничките возила „Фиат 1400 БЈ“ и „Фиат 1100 Б“.
На 18 октомври 1955 година, секојдневниот живот во Југославија беше променет бидејќи автомобилот „Застава 750“ беше направен во „Застава“ во Крагуевац. Првиот примерок имаше само 23 коњски сили, а последниот, произведен во 1985 година, испорачуваше 27 коњски сили и до ден-денес се чува во музејот „Застава“.
Продажбата не се намали дури и кога се појавија многу подобри автомобили, а „Фиќо“ доживеа светска популарност. Во светот се произведени речиси 5 милиони примероци од овој автомобил, повеќето од нив во фабриката во Торино- 2.695.197, во „Застава“ - 923.487, во Шпанија - 814.926, во Аргентина - 304.016, во Германија -172.000 и во Чиле околу 12.000 автомобили.
„Фиќото“ беше симбол на времето кога речиси секој можеше да купи нешто што во тоа време претставуваше исклучителен капитал, но и симбол на просперитетот на една земја која се грижеше за обичниот човек, давајќи му можност да си приушти себеси, но и на своето семејство економичен автомобил по прифатлива цена.