Грчките власти од октомври ја намалија границата за враќање данок на додадена вредност (ДДВ) на купени производи, бела техника и облека во Грција за странски државјани.
Досега за да Ви биде вратен ДДВ беше неопходно сумата на една сметка да Ви биде 120 евра, а сега сумата е намалена на 50 евра. Па така, за сметки од 50 до 70 евра ќе Ви бидат вратени 6 евра, за сметка од 70 до 120 евра ќе Ви бидат вратени 12 евра...
КАКО ДА ГИ ПОВРАТИТЕ ПАРИТЕ?
Бидејќи на голем број наши читатели не им беше јасен овој систем на поврат на ДДВ, еМагазин Ви ја објаснува целата процедура. За да му биде вратен ДДВ, купувачот треба да направи промет поголем од 50 евра во една продавница. Покрај сметката, треба од продавачот да побара да му биде даден и формулар, кој го пополнува сам.
Треба да се напомене дека во Грција не секоја продавница ги има овие формулари. Обично го имаат поголемите продавници и продавниците во кои се продаваат познати брендови. Кога ќе ја напуштите Грција или друга земја на Европската Унија, потребно е да ги покажете купените стоки, формуларот и да побарате печат од цариникот.
Парите од ДДВ може да си ги повратите веднаш на шалтер на граница (тоа може да Ви одземе време) или да ги побарате во канцеларијата во Скопје, сместена во Градски трговски центар. Парите може да ги побарате во рок од три месеци.
ФИНАНСИСКИ СЕРВИС КОЈ ФУНКЦИОНИРА ОД 1979 ГОДИНА
Овој финансиски сервис за враќање на ДДВ на туристи функционира од 1979 година. Во системот на продавници се присутни сите светски најпознати трговски куќи. Во секоја земја потребната сумата по која се враќа ДДВ е различна. Во Кипар на пример таа сума е 50 евра, во Португалија 62 евра, во Шпанија 90 евра...
извор: емагазин.мк