Околу 500 бездомници и оваа година ќе ја дочекаат зимата и ниските температури на некоја од скопските улици, под мостовите или во некое импровизирано живеалиште. Од Црвениот крст на Град Скопје велат дека за жал, бројката на бездомници постојано расте, особено од почетокот на пандемијата прогласена како последица на коронавирусот па се до денес.
– Од неофицијални извори бројката на бездомници во градот Скопје брои 500 лица,бројка која рапидно се зголемува од година во година, а особено со настанување на пандемијата од ковид 19 – објаснува Драгана Лазаревска, координатор на одделот за бездомници во Пунктот за бездомници во Момин Поток.
Од Пунктот за бездомници велат дека, од вкупната бројка на бездомни лица во Скопје, околу 150 бездомници редовно ги користат сервисните услуги кои се даваат во Пунктот за бездомници во МоминПоток.
Сепак, освен надлежните институции и хуманите граѓани можат да се вклучат во помагањето на оваа категорија на граѓани.
Наједноставниот начин граѓаните да помогнат на оваа ранлива група е да го пријават детектираното бездомно лице на контакт телефоните кои ги има на официјалната веб страна на Црвениот крст со цел ургентно да се направи проценка на ризик и да се згрижи ова лице во постоечките капацитети. Како следна препорака до хуманите граѓани е донирањето на храна,топла облека, витамини, медикаменти како и чевли за оваа целна група со цел покривање на поголем број на потреби кај бездомниците – информира Лазаревска.
Извор: slobodenpecat.mk