Во просек, жените во земјава извршуваат 72,5 отсто од вкупната неплатена работа за грижа, додека придонесот на мажите едвај надминува една четвртина од вкупниот обем на работа.
На дневна основа, во споредба со мажите, жените трошат 18 пати повеќе време за миење садови, 12 пати повеќе време за чистење, девет пати повеќе време за готвење и три пати повеќе време за грижа околу децата.
Официјалната статистика за Северна Македонија, според спроведените анкети за користење на времето, понатаму ја потврдува стереотипната родова поделба и покажува дека во просек мажите трошат повеќе време на платена работа (вработување), додека жените посветуваат повеќе време на неплатена работа за грижа. Во еден работен ден, во просек 70,9 отсто од времето поминато на работа за мажите се компензира со плаќање, додека само 37,6 отсто од времето што жените го поминуваат на работа е платено.
Доколку неплатената работа за грижа од страна на жените во Северна Македонија се вреднува со минимална плата, таа би имала монетарна вредност од 1,917,895,508 евра, што е 17,18 отсто од бруто домашниот производ.
Потребни се неопходни итни промени во националното законодавство и законите треба подобро да го препознаат споделеното родителско отсуство што ќе им гарантира и на жените и на мажите право на родителско отсуство заради грижа околу децата во раните месеци, а се акцентира и неопходноста од воведување на родово посензитивни политики коишто ги земаат предвид и мажите кога станува збор за грижата за децата.
Истражувањето нагласува дека треба да се создадат работни средини кои промовираат и поддржуваат иницијативи за рамнотежа помеѓу работата и животот, како што се воспоставување установи за згрижување деца (градинки) во рамки на работните простории, флексибилни работни аранжмани, двојно родителско отсуство, безбеден, достапен јавен превоз, пристап до центри за одмор, рекреација и спорт итн.
Ваквите промени можат значително да го подобрат квалитетот на животот на луѓето, но и нивниот придонес кон општеството и работата.