Најдобро рангираните кандидати за упис на студенти во прва година за академската 2018-2019 година на сите факултети при универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип ќе бидат ослободени од партиципација.
- На сите единици на Универзитетот во различен број некаде повеќе, а некаде помалку во зависност од големината на факултетот. Најмногу ќе бидат доделени на Факултетот за медицински науки вкупно 13, потоа на Природно-техничкиот факултет 10 партиципации, исто на Земјоделскиот факултет 10 партиципации..., вели Боев.
Бесплатната партиципација за најдобрите идни бруцоши на штипскиот универзитет “Гоце Делчев“ е во висина од 200 евра на студиските програми на градот Штип и 100 евра за бруцошите кои ќе се запишат на дисперзираните студии кои се во рамките на универзитетот. Идните студенти нема потреба да аплицираат, туку изборот се врши врз основа на ранг листата.
Боев најави дека веќе одредени македонски компании ќе понудат стипендии за најдобрите студенти, а наскоро ќе бидат истакнати на веб страницата на универзитетот, за што студентите ќе можат да се информираат.
- Во секој случај ќе има размислување да се продолжат овие партиципации на студентите, секако за најдобрите и мислам дека е добра пракса да универзитетот влезе во една друга политика, во делот на тоа да привлекува добри студенти, со тоа што ќе ги поддржува тие квалитетни студенти, од сопствените извори на финансирање, рече Боев.
Штипскиот универзитет е подготвен за уписите во прва година за академската 2018-2019 година. Оваа година првиот уписен рок е подоцна, бидејќи согласно новиот Закон за високо образование академската година официјално стартува на 1 октомври. Првиот уписен рок на факултети на УГД-Штип се на 28,29,30 август и 3 септември.
kanal5.com.mk