Вечерва стрелките на часовникот повторно се поместија. Завршува летното сметање на времето, а почнува зимското, што значи дека часовникот мора да се врати еден час назад, односно од 3 на 2 часот.
Постојат неколку аспекти на кои влијае промената на часовникот.
Еден од нив е здравствен, кој, сепак, најмногу до израз доаѓа при преминот од зимско кон летно сметање на времето.
Истражувањата покажуваат дека менувањето на стрелките на часовникот го зголемува ризикот од кардиоваскуларни болести, но и несоница и главоболки. Се споменува и замор и недостаток на концентрација.
Исто така, промената на сметањето на времето се одразува и на одредени економски текови.
Пред три години (2018), Европската комисија предложи да се укине сезонското поместување на стрелките на часовникот, се веруваше дека промената ќе се воведе брзо, но тоа не се случи.
Хрватската пратеничка во Европскиот парламент, Билјана Борзан, за порталот „Индекс“ објаснува во која фаза е сега ваквата намера на комисијата.
„Ова прашање е одложено за понатаму. Членките на ЕУ не можат да се договорат за тоа кое време да се воведе како фиксно – летното или зимското, а тоа го блокира целиот процес. Исто така, поради пандемијата, прашањето падна во сенка“, рекла Борзан.
Таа нагласила дека различни земји имаат различни ставови.
„Процесот на договор за постојано летно или зимско сметање на времето трае подолго од очекуваното поради фактот што коронавирусот го турна прашањето во втор план. Исто така, различни земји имаат различни погледи, туристичките земји сакаат да го задржат летното сметање на времето, северните земјите сакаат зимско, Ирска, пак, сака да биде во временска зона со Велика Британија што е надвор од ЕУ и слично“, објаснува таа.
„Значи, земјите мора да го усогласат она што го сакаат нивните граѓани со позицијата на соседните земји од практични причини, а потоа да донесат одлука на ниво на ЕУ. Сите се свесни дека најдобро би било сите да бидеме во иста зона, но таков договор се чини далеку“, вели Борозан. Искрено, тешко ми е во овој момент да предвидам кога ќе има некое поместување по однос на ова прашање“, додава таа.
Од Европската комисијата, пак, велат дека најдобро е земјите-членки да самостојно да си одлучат дали сакаат да задржат постојано зимско или постојано летно сметање на времето, но нагласуваат дека сега прашањето е целосно во рацете на Советот на Европа, од каде пак велат дека засега не се знае кога повторно ќе се разговара.
„Пред предлогот да стане барање, Советот на Европа и Европскиот парламент мора да се договорат за него. Предлогот последен пат беше дискутиран во декември 2019 година. Бидејќи одлуката за оваа промена е сложена, многу земји-членки сметаат дека треба да се направи проценка на влијанието пред да се формира мислење“, додаваат од таму.