Во рамките на Регионалниот саем за вработување спроведовме истражување во кое беа опфатени над 5.000 испитаници, од кои речиси 1.000 од Македонија. Целта на истражувањето беше да ги откриеме сличностите и разликите на пазарот на трудот во 5-те земји учеснички на саемот - Македонија, Србија, Хрватска, БиХ и Словенија.
На прашањето Што ви е најважно на работното место/при избор на работодавач, на кое испитаниците имаа опција да изберат максимум 3 одговори, најголем дел од нив (69%) се изјасниле дека платата е пресудна. Вториот критериум најважен за избор на работно место или работодавач се добрите меѓучовечки односи (61%). Можноста за учење и напредок е трет избор на испитаниците, со 39%.
Истражувањето покажа дека нема значајни разлики помеѓу испитаниците од 5-те земји, со исклучок на некои сегменти.
Интересна е значителната разлика во однос на природа/содржина на работата. Имено, само 9% од испитаниците во Македонија го избрале како значаен фактор при избор на работното место, што споредбено со одговорите од другите земји е значително помал процент. 17% од испитаниците од Хрватска и БиХ го избрале овој фактор, 20% од Србија и највисоки 22% од испитаниците од Словенија.
Како „најмалку важен фактор“ споредено со другите земји од регионот, само 13% од македонците го избрале факторот безбедност на работното место. Овој фактор е важен за 28% од испитаниците од Србија, 27% за БиХ, 24% за Хрватска, и 19% за Словенија.
На кое ниво е свесноста за безбедноста и здравјето при работа кажува и фактот што во Македонија само минатата година се регистрирани 152 несреќи при работа, од кои 25 биле фатални, односно завршиле со смрт. Во земјава според Македонското здружение за заштита при работа, стапката на смртни случаи при работа, во споменатиот период изнесувала 3,14% односно на секои 100.000 вработени, гинат од 3 до 4 вработени.
Во 2020 година најмногу несреќи имало во јавната управа и во одбраната, потоа во преработувачката индустрија, градежништвото и во земјоделството. Оваа година заклучно со август 2021 евидентирани се 82 повреди и 9 смртни случаи на работно место. Тука не се бројат случаите кога работници се заразиле со Ковид-19 при работа и кои како последица на тоа – починале.