„Сквид гејм“ е јужнокорејска серија за преживување, која стана една од најгледаните серии на „Нетфликс“ досега. Се фокусира на 456 лика што се задолжени и се натпреваруваат во серија детски игри, со надеж дека ќе освојат парична награда од речиси 40 милиони американски долари. Но цената на губењето е моментална смрт?! Македонското општество не е надвор од ваквите трендови…
Како една навидум филмска серија што го освои светот може да прерасне во светски општествен проблем? За тоа се доволни интернетот, субјективната слабост на родителите кон своите деца, како и соживувањето и имитирањето на децата со главните актери од играта. Кога сето тоа ќе се помеша, резултатот на тој „микс“ го вклучува алармот за опасност. Има ли решение? Можно ли е да се превенира пред да биде доцна? Еден таков случај веќе ја возбудува светската јавност.
Причината за тоа е што голем дел од децата, особено тинејџерите, веќе почнале да имитираат сцени и ликови од серијата „Сквид гејм“ и да учествуваат во разни предизвици, ризикувајќи сериозни повреди.
Во серијата, натпреварувачите се борат за голема парична награда, а за да ја освојат, треба да играат одредени игри. Игрите се навидум обични детски игри, познати во Кореја, но и низ целиот свет. Меѓутоа, оној што губи – умира.
Серијата е означена како забранета за деца под 15 години.
Британските медиуми пишуваат дека глобалниот феномен „Сквид гејм“ предизвикува загриженост кај некои училишта во Велика Британија поради влијанието што серијата го има врз тинејџерите, а директорите апелираат до родителите да им забранат да го гледаат овој хит на „Нетфликс“.
Според „Индипендент“, тинејџерите почнале разни предизвици, победниците, исто како и во серијата, добиваат одредена сума пари, а губитниците се изложени на сериозни физички повреди.
И децата низ Соединетите Американски Држави започнале да ја играат својата верзија на „Сквид гејм“ за време на одморите и притоа изрекуваат ужасно насилни казни инспирирани од серијата.
Надлежните од училиштата ги повикуваат родителите да бидат свесни за содржината до која пристапуваат нивните деца на интернет и да разговараат со децата зошто не можат да играат насилни игри.
И децата во земјава не заостануваат од децата во светот. Интернетот си го прави своето, па така и македонските ученици почнуваат на големите одмори да симулираат игри од оваа серија.
Многу од децата не ја гледаат серијата, но за неа дознале преку предизвици на социјалните мрежи, каде што корисниците објавуваат свои верзии на игрите.
Имало и предупредувања за играта со саќе, која бара од играчите да отсечат една од четирите форми во тенок диск од саќе користејќи игла без да ја скршат формата. Ова стана популарно на социјалната мрежа ТикТок, предизвикувајќи стравувања дека децата би можеле да се изгорат на карамелизиран шеќер доколку се обидат сами да го направат саќето.
Родителите велат дека училиштата не би требало да го дозволуваат ова, децата да ја играат оваа игра за време на малите и големите одмори.
Целиот текст прочитајте го на novamakedonija.com.mk