Фабриката на Фолксваген во Чатануга во САД моментално вработува 4.000 луѓе и стадо од 50 овци кои помагаат на новиот соларен проект на компанијата
Соларниот парк на Фолксваген е изграден во 2013 година и претставува едно од најголемите соларни полиња со кои управува производител на автомобили во САД.
Системот од 9,5 мегавати обезбедува 12,5 отсто од потребите за електрична енергија на централата за време на целосното производство, благодарение на 33.600 соларни модули распоредени на површина од 33 хектари до фабриката.
Сепак, се прашувате каде се овците во целата оваа приказна? Имено, на соларните фарми им е потребна цврста почва, поради што ерозијата е проблем. За да се спречи овој процес, тревата многу помага, но треба да се одржува за да не расте над соларните панели – тоа е работа на овците.
„Адаптивното пасење со овци е ефикасен и рентабилен начин за контрола на вегетацијата и намалување на ризикот од ерозија на соларните постројки од големи размери. Овците одржуваат ниска трева преку пасење и газење, а соларните панели им даваат сенка на овците, намалувајќи го топлотниот стрес во средината на летото“, рече Лоран Шаленбергер, проект менаџер за регенеративна енергија на VW.
Фолксваген наведува дека е важно да се ангажираат само овци за оваа улога бидејќи козите, кои исто така може да ја одржуваат тревата, имаат тенденција да скокаат на соларните панели и да џвакаат жици. Сепак, овците не се единствените животни кои имаат своја задача во Чатануга. Имено, VW „вработува“ и неколку „спасувачки“ магариња, чија задача е да ги предупредат овците на секакви закани од дивината.
„Соларниот парк е уште еден доказ за глобалната посветеност на Фолксваген кон животната средина. Знаејќи дека произведуваме обновлива енергија што ја одржуваме со поодржливи решенија како што се овците, оваа иницијатива е пример за другите големи фабрики во Соединетите држави“, рече Том ду Плесис, извршен директор на фабриката.