Трговијата со најмоќната европска економија се опоравува но сѐ уште е далеку од нивото пред пандемијата на Ковид-19. Главен предизвик за германските производители во Северна Македонија е синџирот на добавувачи.
Проблемите кои ги наметнува пандемијата на Ковид 19 повторно создаваат застои во производството, а со тоа и во трговијата меѓу Германија и нашата држава. Алармот го вклучи извештајот за последниот месец од третиот квартал од годинава кој бележи негативни бројки по сите основи. Или конкретно, во септември, вкупната трговска размена е во минус од 13,9% во споредба со истиот период лани. Извозот во септември е намален дури за 19,5%, или за 55 милиони евра помалку во споредба со истиот период лани кога тој изнесуваше 288 милиони евра.
Минусот е загрижувачки и покрај податоците за пораст на вкупната трговија годинава, која е подобра од лани, но се уште далеку од онаа пред појавата на пандемијата. Во периодот, од јануари до септември вкупната трговска размена изнесува 3,63 милијарди евра, или безмалку 1 милијарда евра повеќе лани. Но анализата на податоците покажува дека повеќе расте вредноста, а помалку обемот на трговијата. Ваквите состојби, а посебно последните движења во септември според германските стопанственици се последица на повисоките цени на репроматеријалите но и застоите во синџирите на набавки.
Синџирот на добавувачи е клучниот предизвик. Проблемот и натаму е во Кина од каде се уште доаѓаат најголем дел репроматеријали за автомобилската индустрија.
Извозот од Кина се соочи со застој за време на пандемијата, голем број пристаништа престана со работа, дополнително и блокадата на Суецкиот канал, сите овие фактори придонесоа за застој на трговската размена. Со ова може да се заклучи дека синџирот на добавувачи зависи од многу фактори. Доколку само еден од нив е нарушен, целиот процес на испорака е нарушен и се сочува со доцнење. Сепак и во вакви услови германските инвеститори ја одржуваат во кондиција македонската економија. Најмоќната европска економија со години е број еден трговски партнер.
Македонија остварува најголем обем на трговска размена со Германија во последните 10 години. Германија учествува со околу 40% во вкупната трговска размена на Македонија со ЕУ; односно околу 26% во вкупната трговска размена на Македонија со светот.
Високото ниво на трговска размена е главно резултат на околу десетина големи инвестиции на германски компании кои се присутни во Технолошко индустриските развојни зони во Скопје, Прилеп, Штип и Охрид.
Расте интересот за дуалното образование
Во насока на промена на состојбите веќе четврта година функционира системот на дуално образование кој добива на популарност.
Дуалното стручно образование придонесе за едукација на кадар во образовните профили. Конкрето, за техничар за индустриска мехатроника и техничар за производно машинство. Потребата за овие струки се идентификуваат заедно со потребите на германските инвеститори во земјата. Но пазарот на трудот има потреба и од инженери, електротехничари, сите профили на занаетчии во градежната индустрија, како и експерти за во ИТ - индустријата.
Дополнително што охрабрува на овој план е што расте бројот и на домашни компании кои имаат интерес за учество во овој и слични други проекти. Стопанската комора неодамна објави дека дури 200 домашни компании покажале интерес за ваквиот начин на едукација, односно производство на стручен кадар кој е неопходен за македонското стопанство.
Извор: dw.com/mk