Дали луѓето можат да си дозволат да платат за здравствена заштита?
Над 6% од домаќинствата во Македонија имале катастрофални трошоци за здравствена заштита. Извештајот покажува дека катастрофалните трошоци најмногу ги погодуваат посиромашните луѓе и домаќинствата со постари членови. Тие се должат главно на приватни плаќања за лекови.
„Финансиските тешкотии поради формални и неформални приватни плаќања се одраз на постојаните празнини во опфатот со здравствена заштита: дел од населението е неосигурено; опфатот со лекови е ограничен; а заштитата од кориснички трошоци (партиципација) е недоволна. Покрај тоа, уделот на јавните расходи за здравствена заштита, опаѓа“, се вели во извештајот.
Во последните години, Европската комисија постојано ја потенцираше потребата од инвестиции во опрема и капацитети во здравствениот сектор, како и мерки за запирање на одливот на медицински персонал од националниот здравствен систем. Особено се потребни мерки за отстранување на здравствените нееднаквости, вклучително и преку зајакнување на националниот систем за здравствено осигурување. Поддршката на ЕУ за изработката на стратегија за здравје за периодот 2021-2030 г. ќе придонесе за подобро здравје за сите“, рече Дејвид Гир, амбасадор и шеф на Делегацијата на Европската Унија во државата.
Новиот извештај дава серија препораки за подобрување на пристапот до здравствена заштита и финансиската заштита:
· да се опфати целото население со прекинување на врската помеѓу правото на здравствена заштита и плаќањето придонеси за здравствено осигурување, така што пристапот до здравствена заштита повеќе нема да зависи од здравственото осигурување,
· да се направат лековите подостапни за луѓето преку стратешки набавки, редовно ажурирање на позитивната листа, ослободување на повеќе луѓе со ниски приходи од кориснички трошоци (партиципација) и проширување на годишното ограничување на партиципацијата на сите видови партиципација и
· да се отстранат причините за неформални плаќања, почнувајќи со подобро следење на нивната улога и големина.
Во извештајот се заклучува дека овие промени ќе треба да бидат поткрепени со повисоки јавни расходи за здравствена заштита и со внимателна употреба на новите ресурси за да се исполнат целите за правичност и ефикасност.
Извор: sdk.mk