На автопатските делници од Коридорот 10 низ Македонија од јули патарина ќе се плаќа и со смарт паметна картичка, што ќе може да се набави на бензинските пумпи, на сегашните наплатни станици за патарина и на граница.
Смарт картичките потоа ќе може и да се надополнат, и тоа преку телефон, лаптоп односно преку посебна апликација. За почеток наплатата на патарината ќе се одвива и во готовина и со смарт-картички и за тоа ќе бидат поделени различни ленти на наплатните станици.
За тие што ќе плаќаат во готовина ќе важат сегашните цени на патарина, а за оние со картичка ќе има и попуст, како што истакнуваат од ЈП за државни патишта, за побрзо да се увидат придобивките од користењето на смарт-картичките.
За наплата со смарт-картички попустот ќе биде 5 %, а за таговите 10 % и тие се наменети за камиони и други превозници. Тоа се всушност специјални лепенки со сериски број, кои ќе се ставаат на предното ветробранско стакло., при што како што ќе се приближи возилото, од далечина, системот на рампата ќе го отчитува бројот и автоматски ќе ја отвори рампата.
Таговите ќе се продаваат по цена од 1.000 до 1.200 денари, а ќе имаат важност од седум години. Од есен, пак, ќе се воведе и принципот на траен налог.
– Од следниот месец во употреба влегуваат припејд-картичките и таговите, наменети за камиони и други превозници. Пластичната картичка се набавува само еднаш и потоа само ќе се надополнува и ќе чини онолку колку што ќе има кредит на неа.
Постпејд-картичките ќе стартуваат од есен – најави деновиве Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта, кој појаснува дека целта на воведувањето на системот за електронска наплата на патарините е намалување на чекањето и застоите кои се создаваат на рампите, особено во одредени делови од годината, како што е летниот период.
-Поради тоа, додека важи паралелното плаќање, постепено ќе воведеме со готовина да се плаќа само на една рампа, за да увидат возачите каква предност е електронското плаќање.
Во иднина, пак, во план е на секоја рампа да има една лента само за возила со тагови, што значи дека превозниците нема да мора воопшто да чекаат – вели Китанов и додава дека системот предвидува и софтвер за надополнување на картичките и од дома.
А, колку пари има на картичката освен на граница, на рампа или на бензинска пумпа, ќе се проверува и преку апликација за мобилен.
Од ЈП за државни патишта велат дека системот ќе стартува на сите наплатни рампи на Коридорот 10. Изградбата на рампата Романовце е целосно завршена, системот е веќе инсталиран, а во крајна завршна фаза е и на другите рампи на
Коридорот 10: Петровец, Сопот, Отовица и Градско. Инвестицијата за автоматизацијата на наплатните рампи чини 17,8 милиони евра, од кои 15 милиони евра беа обезбедени преку Европската банка за обнова и развој, а остатокот од буџетот.
Проектот го реализираше турската компанија „Аселсан“. По Коридорот 10, автоматизација на рампите се планира и на автопатските делници на Коридорот 8.
aktuelno24.com.mk