Во долината на реката Мозел во Југоисточна Германија се наоѓа гратчето Кохем. Во панорамата доминира замокот изграден во средниот век кој се издига над градот и полињата со лозје. До нив може да се стигне откако ќе прошетате покрај живописните куќи распослани покрај брегот и ќе го поминете мостот Скагерек. Друга опција е да се качите на еден од чамците што пловат по реката.
Она што не смеете да го пропуштите е обиколката на историскиот дел на Кохем каде што се сместени најважните градски знаменитости. Овде се наоѓа градското собрание од 1739 година, изградено во барокен стил. Тука се и многу добро сочуваните градски ѕидини кои во минатото го штителе Кохем од несакани посетители.
Од поранешните четири градски порти зачувани се три кои со текот на времето се претопиле во нови градби. Најголемата порта е Ендертор, изградена во 1332 година, како премин кон градот низ објект кој имал функција на затвор во средниот век.
Јужната порта наречена Мартинстор е изградена во 1352 година, а денес е служи како премин кој води до најпрепознатливиот белег на градот – замокот Кохем. Името на овој неоготски замок прв пат се споменува во 1130 година. Во 16 век бил целосно уништен од Французите, а три века подоцна, во 1868 година, бил повторно изграден.
Ова гратче со идилични пејзажи има што да им понуди и на љубителите на поновата историја, а тоа е бункерот на Бундесбанката – германската централна банка. Имено, оваа банка за време на Студената војна, од страв да не остане без пари изградила систем на бункери со големина од 1.500 метри квадратни и ходници долги 300 метри. Тука се чувале околу 15 милијарди германски марки, додека во случај на војна, можеле да се сместат околу 100 луѓе.