Пред да почнете да разговарате за играње карти со соседот, социјалните мрежи, јавање или пишување песни, размислете добро што ќе ѝ кажете на личноста/личностите спроти вас
Кога на интервју за работа конечно ќе завршат прашањата од кои што ви потат дланките и ќе одговорите на прашањата зошто баш вие сте вистинската личност за тоа работно место и кои се вашите предности во однос на другите кандитати, и ќе си помислите дека вашата потрага по нова работа е конечно готова, работодавачите често знаат да постават навидум безопасно прашање за вашите хобија. За повеќето кандидати, прашањето за хобијата е долгоочекуваниот премин кон релаксиран разговор со потенцијалните работодавачи и разбивање на стравот. Но, ако на ова прашање му пристапите наивно, можете да згрешите, од причина што одговорот на ова прашање на работодавачот му кажува многу за вас и вашите особини.
Пред да почнете да разговарате за играње карти со соседот, социјалните мрежи, јавање или пишување песни, размислете добро што ќе ѝ кажете на личноста/личностите спроти вас, бидејќи тоа ги открива вашите лични карактеристики кои се важни за идното вработување.
Некои од вашите хобија или интереси, како на пример организирање собири/забави за најблиските, може да му укаже на работодавачот дека вие сте вистинската личност за планирање одредени деловни настани во иднина. Поради оваа причина, многу е важно внимателно да размислите за списокот на вашите хобија, но не само да ги одберете оние за кои мислите дека се директно поврзани со работата за која постои можност да бидете ангажирани, туку и да ги презентирате навидум безначајните аспекти на Вашиот живот.
Еве неколку примери во кои вашето хоби може да му укаже на работодавачот за вашите дополнителните вештини и способности што ги поседувате:
- Дека сте тимски ориентирани
Имајќи во предвид дека многу работни места бараат тимска работа и поддршка на колегите, добро е да наведете и активности од приватниот живот кои говорат за вас како „тимски играч“. На пример играњето мал фудбал или волонтирањето во одредени проекти зборува за вас како личност која е подготвена да биде важна алка во синџирот.
- Дека имате лидерски способности
Ако сте претседател на Куќниот совет во вашата зграда, или на Клубот за читатели во локалната библиотека, и тоа е доволно за вашиот работодавач да забележи дека сте личност која е спремна да превземе иницијатива за да ја изврши работата што и е доверена на прав начин.
- Дека активно работите на подобрување на вашите вештини
При изборот на адекватен кандидат за одредена работна позиција, на работодавачот му е многу важно тоа да биде личност која кога е мотивирана на вистинскиот начин, целосно е спремна да ги проширува своите знаења и вештини. Понекогаш е доволно да се истакне дека, како страствен рибар, редовно ги следите сите новости од светот на риболовот, купувате нова опрема и постојано применувате нови знаења од тоа поле, па тоа ќе му биде еден од показателите на работодавачот дека можеби сте вистинската личност за работната позиција.
- Дека сте сестрани
Ако вашите активности не завршуваат кога ќе се вратите дома после работното време, туку одите да се дружите со пријателите, да посетувате разни курсеви или да одите на спортски активности, на работодавачот ќе му биде јасно дека сте личност која е способна да изгради добри односи со колегите, која е љубопитна, која постојано бара нови решенија и може да придонесе многу за компанијата со иновативни пристапи и нови идеи.
- Дека се трудите да ја остварите зацртаната цел
Секој работодавач е импресиониран што во неговиот тим има вработен кој не се откажува лесно и е фокусиран на постигнување добри резултати за компанијата. На пример, ако најавата за лошо време се заканува да ви ја расипе скарата со пријателите во природа, а вие се фаќате за работа и правите импровизирана настрешница на гола ливада, доволно голема за никој да не се намокри и да го подготви ручекот, може да биде јасен сигнал до работодавачот дека сте способни да најдете алтернативни решенија за да ја достигнете целта, дека не се откажувате лесно и дека за вас нема нерешливи ситуации.
На крај, треба да се напомене дека доколку на интервју за работа изјавите дека немате никакво хоби, тоа може да биде показател за работодавачот дека сте личност која нема „издувен вентил“, односно активности кои ќе ви помогнат да се регенерирате и да си ги наполните батериите, што е неопходно за да го дадете својот максимум на работното место. Затоа се враќаме на почетокот - вашите активности кои немаат директна врска со работата на најдобар начин му покажуваат на работодавачот каков ќе бидете на работното место и на тоа треба да обрнете посебно внимание.