Стравот од короната, рестриктивните мерки што во државите се менуваат преку ноќ, како и намалениот животен стандард, ги спречуваат граѓаните да планираат поголеми патувања.
Србија, Бугарија и Грција се најактуелните дестинации во кои Македонците се одлучија да патуваат за Нова година. По две години пандемија, впечатокот е дека сме далеку од крајот. Стравот од короната, рестриктивните мерки што во државите се менуваат преку ноќ, како и намалениот животен стандард, ги спречуваат граѓаните да планираат поголеми патувања.
– Ситуацијата е позната веќе две години и многу е неизвесно какви правила отвораат другите земји. Ништо не ни е сигурно, за еден аранжман треба по неколкупати да проверуваме во земјата какви се најажурните ковид-мерки. За сите аранжмани ќе отвориме по еден, два автобуса. Турција е најактуелна, веќе почнуваат да се интересираат и за зимување. Оваа година луѓето се помалку заинтересирани за Бугарија, а повеќе за Србија. Одат да скијаат на Копаоник, во Златибор, а за новогодишната ноќ имаме аранжмани и за Белград, но и за Истанбул. За ковид мислам дека веќе поминува стравот, или дека го потиснуваат, свесно или несвесно. Инаку од подалечните дестинации, имавме тура за Братислава, ама од „Визер“ го откажаа летот и групата пропадна. За Москва реализиравме една тура, ама потоа поради пандемијата ја затворија на две недели и тоа исто така пропадна – објаснува Димитровска.
Од агенциите со кои стапивме во контакт дознавме дека интерес има и за егзотични дестинации како Малдивите и Египет, но мнозинството патува во поблискиот регион. За најлудата ноќ во агенциите може да се најдат понуди за Црна Гора, но и за Прага, Виена, Будимпешта и Братислава.
Кога станува збор за туризам во земјава, од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот сметаат дека за време на празниците, Охрид и Струга ќе бидат полни со странски и со наши туристи. Според статистиката, годинава има 50-процентно зголемување во туризмот во однос на претходната година и се очекува да се остварат 2,2 милиони ноќевања, а за следната се предвидуваат 2,5 милиони ноќевања.
Извор: slobodenpecat.mk