Со новиот закон за работни односи прецизно и јасно се регулирани нестандардните форми на вработување, со што работните процеси ќе бидат прилагодени на новите потреби на пазарот на трудот, изјави министерката за труд и социјална работа. Таа истакна дека истовремено правата на работниците ќе бидат целосно заштитетни, бидејќи ќе бидат отстранети сите можности за злоупотреба и манипулација.
„Со добра регулација и имплементација на нестандардните форми на вработување се овозможува брзо прилагодување на работодавачите на динамичниот пазар на труд и справување со недостигот на работна сила. Од друга страна, на работниците ќе им го олесни пристапот до нови работни места, посебно на маргинализираните групи, младите, жените, постарите работници и мигрантите. Нестандардните форми на вработување не смеат да бидат средство за намалување на трошоците за работна сила на сметка на основните работнички права. И затоа, при нивната регулација мора да бидеме многу претпазливи. Работникот и неговите права во ниту еден момент не смеат да бидат загрозени“, оцени министерката.
Таа нагласи дека со новиот закон за работни односи јасно ќе бидат регулирани договорите на определено време, работата од далечина и работата од дома, ангажирањето на работници во домаќинства, сезонските и повторливи сезонски работи, работа со неполно работно време.
„ Подобро ќе биде регулиран и работниот однос адресирајќи ги прикриените вработувања, кои се суштинска девијација од стандардното вработување. Ова се исклучително важни прашања и токму затоа оваа работилница е многу важна за нас како држава, за да можеме да донесеме вистински решенија кои ќе бидат во интерес и на работниците и на работодавачите, а со тоа ќе бидат во интерес на државата“, рече министерката.
Онлајн учествуваа и меѓународни правни и економски експерти од областа на пазарот на трудот, за социјален дијалог и трудово право, но и експерти и универзитетски професори а присутни беа и претставници на работниците и на работодавачите.
Извор: nezavisen.mk