Се запрашуваме зошто вистинските таленти ја напуштаат својата работа, а одговорот ни е пред очи, јасно и гласно кажан, но сме мислеле дека не се сериозни, дека во прашање е моментален умор, дека ќе сфатат дека не е во ред заради нивната кариера да ја напуштат работата...
Многу често HR менаџерите или претпоставените во компаниите не забележуваат ништо поврзано со вработениот, се додека работата „тече добро“. Дали и колку вработениот се вложува за да го постигне тој резултат, дали му е пријатно во работната средина во која што е, дали вашата компанија како работодавач му ги овозможува сите услови за да помине повеќе од една третина од својот ден, се фактори кои не се земаат предвид многу често, се додека не настане проблем. А проблемот настанува кога вработениот ќе се презасити од многу ситуации во кои не бил задоволен, а за кои се обидувал да ви каже или укаже невербално, но едноставно не сте имале време и слух. Во тој случај, имаме ситуација каде што вработениот „како гром од ведро небо“ ќе дојде и ќе ви рече „Јас сакам да си дадам отказ“. Тогаш менаџментот е во шок и си го поставува прашањето „Што, како, зошто...“
Отказот најчесто не е мистерија
Ќе земеме еден реален пример, каде што една вработена по краток исцрпувачки ангажман во нова компанија, побарала разговор со претпоставен. Внимателно се подготвила за интервјуто и му кажала дека е преоптеретена, дека работи многу повеќе работи од предвидените и динамиката која иако сè уште успешно ја остварува, не може и не сака да ја одржи. „Се распаѓам од работа, не можам да работам толку многу и со ова темпо“, кажала таа, образложувајќи дека е подобро да се договорат сега додека е уште релативно нова во компанијата, отколку после да имаат неискомунициран проблем. На тоа менаџерот и одговорил „го можеш ти тоа“.
По некој месец, таа си дала оставка...
Во сите аспекти во односите со вработените, тие треба да се слушаат и објективно да се оценува нивната работа. Вработените често сакаат да зборуваат за тоа што ги мачи и некогаш многу долго пред да станат недоволно ангажирани на работа, најдобрите се обидуваат да добијат поддршка и ако не ја добијат, си заминуваат.
И тогаш се запрашуваме зошто вистинските таленти ја напуштаат својата работа, а одговорот ни е пред очи, јасно и гласно кажан, но сме мислеле дека не се сериозни, дека во прашање е моментален умор, дека ќе сфатат дека не е во ред заради нивната кариера да ја напуштат работата, дека пазарот на труд нуди недоволни можности и слично.
Вештината на активното слушање и набљудување
HR тимовите и директните менаџери имаат увид во различни аналитички извештаи, меѓу кои и извештаите од излезните интервјуа.
Доколку навистина сме ангажирани во комуникација со вработените, добиваме информации кои ни се корисни при разбирањето и одлучувањето, избегнуваме недоразбирања и конфликти, им покажуваме на нашите соработници дека ги почитуваме. И не само тоа, туку покажуваме и почит кон нашата работа, која секогаш ја содржи таа компонента на разбирање на колегите и клиентите и нивните потреби. Ова е особено важно да се нагласи во HR и менаџерските работи каде разбирањето на ситуацијата на пораката и комуникацијата е од суштинско значење за водење на луѓето и соработка на сите нивоа.
Што ни кажуваат вработените кога говорат дека се преоптеретени?
Па баш тоа, дека се преоптерени, дека не можат или не сакаат повеќе толку голем обем и динамика на работа и дека како и секое друго преоптеретување, така и нивното ќе заврши или со растеретување или со „пукање“. Доколку реагираме откога веќе ќе “прегорат” или ќе си дадат отказ, тогаш веќе е предоцна и веќе никакви напори нема да можат да го поправат нарушениот однос.
Како директни менаџери или HR тим, наместо да слушаме што кажуваат и да набљудуваме како се однесуваат возрасните одговорни личности кои сме ги вработиле во нашата компанија и на кои сме им довериле задачи од кои зависи профитот на компанијата, ние понекогаш не ни слушаме, туку само го смислуваме нашиот менаџерски или HR одговор кој треба да ги поттикне да продолжат да работат како ништо да не ни кажале.
Меѓутоа, онаму каде што оваа практика на внимателно слушање не постои, компаниите подоцна најмалку плаќаат со своето изненадување.
Значи, понекогаш нема мистерија: ако внимателно следиме што се случува пред нас, ќе предвидиме дури и квалитетна аналитика.