Дописникот на Форбс, Ешли Стал, создаде листа на сектори во кои е можно да се направи кариера во 2022 година.
Здравствен сектор
Поради зголемениот ризик при работа, за кој придонесе пандемијата, една третина од стручните работници во здравствениот сектор ја разгледуваат можноста да ја напуштат работата.
Тоа само дополнително ја усложнува ситуацијата, бидејќи и пред светската здравствена криза овој сектор се карактеризираше со недостиг на квалификуван кадар, пред се медицински сестри. Овие два факти сугерираат дека во блиска иднина здравството ќе биде добро место за правење кариера.
ИТ сектор
Разликата меѓу пазарот на трудот денес и пред неколку години е во работните профили кои се барани. Имено, во минатото квалификациите во овој сектор биле поврзани со високо образование, а денес според Форбс се вработуваат и оние кои студирале програмирање на интернет.
Обуката за програмери предводена од сертифициран ментор може да биде добар начин да се квалификувате за работа во секторот за една година. Од друга страна, со оглед на зголемената потреба за развој на мобилни апликации, едукативна програма за програмери базирана на симулирање на деловно опкружување се појавува како одлична опција.
Менаџмент на снабдувачки ресурси
Забрзаното подобрување на системот за испорака е една од последиците на пандемијата. Затоа, експертизата во логистика, дистрибуција и продажба може да ви донесе работа во оваа област. При пријавување за работа, оние кои имаат познавање од математика, статистика и инженерство секако ќе имаат предност пред другите кандидати.
Финансиски менаџмент
Проектираниот раст во овој сектор во следната деценија ќе биде 15 проценти. Работата на финансиските менаџери е да најдат можности за зголемување на приходот на компанијата, а едногодишната обука за финансиски менаџмент е брз начин да се квалификувате за работата на финансиски експерт преку работа на реални проекти.
Работа за статистичар
До 2030 година потребата од стручни лица од оваа професија ќе порасне за цели 30 проценти. Статистичарите обично се ангажирани од компании кои продаваат осигурување. Нивната област е проценка на ризик, проекција на продажба и добивка, прогнозирање на бариери и анализа на разни други податоци.