Иако просечната плата во Македонија изминативе години забележа раст, сепак македонските плати се најниски во регионот. Но и одредени сектори споредно со просечната плата во период од 40 години заработуваат многу помалку од просекот во моментов.
Наставниците во 1981 година имале плата што била за 11 отсто повисока од тогашниот просек, сега нивната плата е за 2,6 отсто пониска од просечната. Пред четири децении, индустриските работници заработувале просечна плата, сега нивните примања се за 13 отсто пониски од просекот. Најголема загуба претрпеле земјоделците, во 1981 година земјоделецот заработувал само 5 отсто под просекот, сега неговата заработувачка е 20 отсто пониска. Под просекот и тогаш и сега биле туристичките работници, а банкарите добиле најмногу. Пред четири децении банкарите имале за 26 отсто повисока плата од просечната, сега таа е за 60 отсто повисока.
Според истражувањето на институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“, просечните плати во 2021 година се намалиле во однос на тие во 1987 година споредено со Словенија и повторно Македонија е подобра само од Косово.
Важно е да се напомене дека разликите не се зголемиле само меѓу Словенија и Македонија, разлики се забележуваат кај износот на просечните плати во поранешните југословенски држави. Разликата се отсликува и во секторите. Доколку во 1981 година од дванаесет сектори, две третини имале плати над просекот, сега во 2021 година само финансиите (банкарство и осигурување) и здравство и социјална заштита се над просекот. Значајни сектори, како индустрија, земјоделство, угостителство, сега заостануваат повеќе зад просекот отколку во 1981 година.
Словенија иако е слична по големина со Македонија, има извоз што е за 5,5 пати поголем од македонскиот. Таа извезува над 1.000 различни производи во повеќе од 150 земји, додека македонскиот извоз се базира на 10 држави, во кои извезува 85 отсто од вкупниот извоз.
Во поранешна Југославија ние извезувавме лубеници и домати, а увезувавме телевизори и машини за перење. Зошто во овој период не успеавме да ја промениме стопанската структура, па дури и со „привилегираните“ компании во ТИРЗ? По мене, основата на ова прашање треба да се гледа во образованието и капиталот. И додека капиталот можеме да го позајмиме од надвор, образованието останува наш проблем. Поголемата продуктивност и извозот на пософистицирани производи што имаат поголема додатна вредност бараат многу повеќе знаење и искуство.
Растот на платите не може да се обезбеди со повици на синдикатите и граѓанските организации, туку со повисока продуктивност и поголема заработувачка. И во развиените западноевропски држави растот на платите не бил резултат на класната борба туку на иновациите и технолошкиот напредок, кои ја зголемиле продуктивноста и обезбедиле средства за поголеми плати и повисок стандард на сите граѓани во земјата.
Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, просечната плата е генерално одраз на понудата и побарувачката и од страната на понудата, платата зависи од продуктивноста на трудот, која е детерминирана од образовната и старосната структура на работниците, како и од серија т.н. невидливи карактеристики, како способноста, иницијативноста и слично.
Пониска плата во Македонија во споредба со други земји, од оваа перспектива, би значело дека нашите работници се помалку продуктивни од работниците во други земји. Гледано од страната на побарувачката, платата зависи од општата состојба на пазарот на трудот, односно ако има голем контингент невработени лица, тогаш платата нема брзо да расте и обратно, нагорен притисок врз платите ќе се создаде кога нема да може лесно да се најде работник, особено добар работник.
Како што вели професорот, пазарите на трудот во Западен Балкан имаат многу сличности, меѓутоа конкретните услови во конкретен период може и значајно да се разликуваат, така што овој притисок може да е различен.
Значи, повисоката продуктивност на трудот таму, заедно со урамнотежениот пазар на трудот, детерминира многу повисока просечна плата споредено со Македонија. Секој раст на платите што не е поддржан со раст на продуктивноста може да даде некаков резултат само на краток рок, а на долг рок пазарот ќе се урамнотежи таму каде што понудата и побарувачката ќе се сретнат.
Извор: novamakedonija.com.mk