Ако знаеме дека синдикалната минимална кошница континуирано расте, цените на основните производи кои се замрзнати до крајот на месецов, исто така растат со забрзано темпо, цена на електричната енергија е зголемена за 9,5 % и на парното за 14%, итна е потребата од зголемување на минималната плата со платата од јануари, поради тоа што доколку истата не се зголеми, во февруари кога ќе треба да се плаќаат сметките кои се драстично зголемени, работниците нема да можат ниту да си ги прехранат своите семејства ниту да ги плаќаат така зголемените цени, е најновото предупредување од ССМ, кој не отстапува од барањето за минимална плата од 18.000 денари од овој месец.
Примената на законите со кои недела станува неработен ден за осум проценти од вработените, како и неработните празници од почетокот на годинава треба да ја зголемат јануарската плата на оние кои наместо да одмораат, беа на своите работни места.
Сојузот на синдикатите на Македонија, на чија инцијатива недела стана неработен ден, пресмета дека најниската дневница за работа во недела ќе изнесува 1.140 денари и ќе им се исплатува на оние со минимална плата. За просечна плата која во октомври лани според Државниот завод за статистика изнесува 29.145 денари, за работа во недела треба да се исплатат 2.186 денари. ССМ потсетува дека за работа на празник со Општиот колективен договор се предвидени две ипол дневници.
-Согласно податоците на ДЗС за третиот квартал 2021 година, бројот на вработени изнесува 796.671 лица. Од нив 63.734 лица, односно 8% се вработени кои согласно Законот за работните односи и Законот за трговија би работеле во денот недела. Доколку сите тие работат во ден недела, дневницата за работа во недела на минималната плата од 15.194 денари ќе им изнесува 1.140 денари. Работодавците ќе треба да им исплатат вкупно 72.656. 760 денари на работниците, односно ако ги работат сите четири недели во месецот, ќе треба да им исплатат 290.627.040 денари на работниците, посочуваат од ССМ.
Според нивната математика за работниците со просечна плата од 29.145 денари за работа во недела работодавците треба да исплатат вкупно 139.322.524 денари за една, а 557.290.096 денари за четирите недели во месецот. На овие суми треба да се додадат и придонесите.
-Прашуваме, како ако досега овие средства останувале кај работодавачите поради тоа што работниците им работеа во недела без додаток на плата, тие се на работ на егзистенцијата, а не е работникот, велат од ССМ.
Од Државниот инспекторат за труд ги направија првите контроли на компаниите за почитување на правилата за работа во недела. Исто така, најавија дека во февруари, кога ќе се исплатува јануарската плата ќе проверуваат и дали на вработените кои работеле во недела и на празник им е исплатена законски предвидената дневница.
Сојузот на синдикатите на Македонија не отстапува од своето барање од овој месец минималната плата да се зголеми за околу 3.000 денари и наместо сегашните 15.200 да изнесува 18.000 денари. Тоа би значело дека трошокот за плати на фирмите кои работат во недела и на празници, би бил уште поголем.
Целиот текст е на vecer.press