Бројот на баратели на азил во Германија лани повторно се зголемил, достигнувајќи ги бројките од пред пандемијата, со речиси 200.000 апликации, соопшти германското Министерство за внатрешни работи.
„Во 2021 година во Германија се поднесени 190.800 барања за азил, што е најголема бројка од 2017 година кога во Германија барање за азил поднеле 222.600 лица”, соопшти германското МВР.
Претставниците на министерството нагласуваат дека бројките не можат да се споредат со 2020 година, кога пандемските ограничувања го отежнуваа движењето и кога беа поднесени 122.000 барања.
Од лани поднесените 190.800 барања во 148.000 случаи барањето е поднесено за првпат, од кои 17,5 отсто се однесуваат на деца родени во Германија минатата година.
Дури 70.000 барања се однесуваат на сириски државјани, а потоа следат Авганистанците со нешто повеќе од 31.000 барања. Голем број авганистански државјани дојдоа во Германија преку Белорусија и Полска.
Граѓаните на Ирак (17.000) и Турција (7.000), исто така, се меѓу најбројните баратели на азил.
Од сите барања 21 процент од апликантите добиле статус на бегалци, согласно Женевската конвенција, а 15 проценти од пријавените се стекнале со таканаречен статус на супсидијарна (привремена) заштита.
Лани биле одбиени 21,4 отсто од барањата за азил, а дополнителни 36,7 отсто биле решени или со повлекување на барањето или со тоа што барателите, во рамките на таканаречените Даблинските правила, биле испратени во земјите каде што првпат влегле на територијата на Европската Унија.Притоа, повеќето се вратени назад во Италија или Шпанија.