Снежната бура која се движи од источниот брег на САД кон Канада ќе донесе повеќе од 60 сантиметри снег во некои области, а ќе приземји авиони и ќе предизвика бројни сообраќајни метежи.
Повеќе од 4.200 летови до Соединетите држави беа откажани или одложени вчера, според FlightAware, додека речиси 90.000 домови и деловни објекти меѓу Џорџија и Мејн немаат струја, според PowerOutage.US.
Сообраќајот во Торонто, најголемиот град во Канада, вчера беше отежнат бидејќи снежното невреме ја намали видливоста на речиси нула, ги затвори линиите на метрото и ги остави возачите заробени со часови на локалните автопати.
Автобусите застанаа, а пешаците помогнаа да поминат автомобили на главната градска рута во центарот на Торонто.
Во тој регион денеска се предвидува да наврнат и до 60 сантиметри снег, а на сила е предупредување за екстремни временски услови.
Во соседниот Квебек, временските услови предизвикаа сообраќајни несреќи, вклучително и верижни судири во кои учествуваа десетици возила, принудувајќи ги властите да затворат некои автопати, според Канадската радиодифузна корпорација (CBC).
Во источниот дел на Соединетите Американски Држави, властите исто така ги повикаа граѓаните да се држат настрана од патишта покриени со снег.
Според Националната метеоролошка служба, речиси 70 сантиметри снег се забележани во градот Ашјабул, во американската сојузна држава Охајо, додека делови од државата Њујорк, Пенсилванија и Северна Каролина имаат дебелина на снежната покривка од 50 сантиметри.
Во Атланта падна првиот снег по четири години, а некои региони во Северна Каролина регистрираа рекордни снежни врнежи.