„Ми исплатија К15 и требаше истиот ден да ги подигнеме парите од банка и да ги вратиме на работодавачот“
Вработените во приватниот сектор, до крајот на изминатата година требаше да добијат регрес за годишен одмор попознат како К-15.
Минималниот износ на регресот за годишен одмор годинава беше 11.457 денари.
Пресметките се прават според 40% од износот на просечната нето плата во последните три месеци или 40% од износот на просечната бруто плата во последните три месеци.
Услов кој треба да се исполни за регресот за годишен одмор е работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач, а право на регрес секој работник има еднаш во годината.
Иако, за работодавците кои нема да дадат К-15 или пак ќе го побараат назад од вработените, следат големи казни, до 4.000 евра, сепак има и такви кои не им исплатиле регрес на своите вработени. Ова го покажа анкетата во која ги прашавме посетителите на нашиот сајт Дали работодавачот ви исплати К15?
40% од испитаниците одговориле дека добиле минимална законска сума за регрес за годишен одмор (11.457 денари).
14% се изјасниле дека добиле повеќе од минималниот износ.
6% добиле К15 „делумно“. Иако минималната сума е пропишана со закон, сепак дел од испитаниците се изјасниле дека добиле симболична сума од работодавачот. „Ми исплатија К15 во вредност од 100 денари“ – вели еден од коментарите.
40% воопшто не добиле К15... Дел од нив се оние на кои законски не им следува, поради тоа што не го исполнуваат условот работа најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач, но коментарите кажуваат дека голем дел од работодавачите не си ја исполниле законската обврска, иако тоа им следувало на вработените. „Ми исплатија К15 и требаше истиот ден да ги подигнеме парите од банка и да ги вратиме на работодавачот“ – вели еден испитаник.
Поголеми казни за работодавачите или охрабрување на работниците да пријават дека не им е исполнето законското право? Кое е решението?
Во тек е нашата најнова анкета, на тема Кој би бил вашиот избор ако треба да се вработите во маркет? Ги очекуваме вашите коментари и одговори на ЛИНКОТ.