За речиси 500% повисока сметка за струја за декември во споредба со претходната, добија некои хотели на охридско-струшката ривиера. Некои од нив со електрична енергија се снабдуваат на слободниот пазар. Сумата која ќе треба сега да ја плати еден сопственик на хотел, изнесува 8.000 евра. А, хотелот е празен и нема гости, заработката е сведена на минимум.
Хотелиерите стравуваат и од повисоки сметки во наредните неколку месеци.
„Ако продолжи ситуацијата ваква каква што е, моите партнери, а исто и јас , мислам дека ќе дојдеме во ситуација, да бараме плус некоја помош или некој кредит, за да можеме да сме ликвидни, бидејки секое покачување, си влечи други последици.Сакале или нејкеле, мораме да ги покачиме цените. Со самото покачување на цените, ќе имаме друг проблем, ќе остануваме без дестинации“, рече сопственик на еден хотел.
Од Хотелската асоцијација на Македонија за Алсат велат дека секојдневно до нив стигнуваат реакции од хотелиери за високи сметки за струја кои на многу места биле помеѓу 300% и 500% повисоки од претходните. Се уште немаат одговор за нивното барање за добивање на државна помош. Инаку, хотелите се снабдуваат со струја на отворениот пазар. Во просек, во овој период цената на електричната енергија на отворената берза е 250 евра за мегават час.
извор: vecer.mk