Касапите се дефицитарни на пазарот на труд во Македонија. Младите не се заинтересирани за оваа струка. Сопствениците на месарници раскажуваат дека имало периоди кога им требало месец дена додека да најдат касап. Велат дела допрва ќе биде тешко да се нaјде вакoв кадар, затоа што мнозинството од оние кои се занимаваат со оваа работа се луѓе во години.
„Оваа работа е макотрпна и не може секој да ја работи, а платите од 500 евра се надминати веќе за оваа струка. Оние кои се постари или ќе заминат во пензија или ќе се оддалечат од занаетот, затоа што прашање е дали по 60 години човекот ќе може да ја работи оваа работа. Знам дека касапи заминуваат во Германија и Швајцарија за да работат“, вели сопственик на месарница во Скопје.
Оние кои имаат потреба од касапи, прифаќаат да земат и млади луѓе со минимално искуство и да ги обучат понатаму, но и тие примери не се така чести.
„Пуштив оглас и за месец дена ми се јавија само три касапи. Многу од касапите веќе си имаат работен ангажман и не се јавуваат на огласи. Бараат високи плати, и очекуваат да заработуваат по 1.000 евра“, додава друг сопственик на месарница.
„Само кај нас се вработени 30 месари, кои се вклучени во процесот на колење. Платите се од 30.000 до 40.000 денари. Секогаш имаме отворен оглас за прием на нови касапи, но одзивот е многу слаб“, вели сопственик на Кланица од Куманово.
Тој додава дека во многу фирми фалат касапи, и дека затоа надлежните треба да ја промовираат оваа професија, со цел да пробудат интерес кај младите и да се образуваат во струката.
извор: faktor.mk