Честите контроли на инспекциите не се доволна причина газдите во целост да ги исплаќаат паричните средства на вработените. Не само по основ на плата, туку и по сите останати точки според кои треба да се исплати работникот, дел од несовесните работодавачи и натаму се обидуваат да ги заобиколат правилата. Правото на додаток за работен стаж е утврдено со член 106 од Законот за работните односи. Додека со колективен договор се определува висината на исплата на овој додаток и истата изнесува 0,5 % за секоја година помината на работа.
Информациите на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека во првата половина од ланската година над 3000 граѓани не добиле целосна месечна плата. Половина од поплаките на работниците се за неисплатен минат труд. Синдикалците ги охрабруваат работниците, доколку забележат дека дел од средствата кои ги заработиле, а не им се исплатени од страна на работодавачите, да пријават во Сојузот на синдикати, и во трудовиот инспекторат.
„За месеците јануари јуни 2021 година по основ на неисплатени плати, надоместоци, додатоци и придонеси -3256 обраќања од кои согласно евиденцијата на ССМ 1/3 се по однос на неисплатен минат труд. Согласно член 25 од Општиот колективен договор за приватниот сектор Основната плата на работникот се зголемува за 0,5% за секоја година работен стаж. Ова право најмногу се прекршува во трговијата и текстилот.“
Денар побара став од Управата за јавни приходи, дали и колку го следи исплаќањето на средствата од страна на компаниите. Но надлежноста за прашањата од работни односи, а кои се однесуваат на исплата на плата и додатоци на плата како прекувремена работа, додаток за минат труд, исплата на К-15 и други од УЈП велат дека е кај Државниот инспекторат за труд. Од таму додаваат дека Управата за јавни приходи согласно концептот бруто плата ја врши наплатата на придонесите од задолжително социјално осигурување и данок на личен доход од плата. Бруто плата ги опфаќа сите додатоци на плата: прекувремена работа, работа на празник, работа ноќе, додаток за минат труд и сл.
„Согласно Законот за работните односи и Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, основната плата на работникот се зголемува за 0,5% за секоја година работен стаж, што претставува обврска на самите работодавачи да ги пресметуваат стапките на минат труд и согласно тоа да вршат зголемување на бруто платата во самите МПИН пресметки“, велат за Денар од Управата за јавни приходи.
Додатокот за работен стаж треба се исплаќа за целото време поминато на работа, а не само кај работодавачот кај кој работникот во моментот остварува право на плата. Од Државниот инспекторат за труд како орган кој врши надзор над Законот за работните односи и колективните договори, велат дека инспекторите по службена должност внимаваат дали на работниците им се исплаќа додаток за работен стаж.
„При вршењето на редовните инспекциски надзори, тие вршат увид во поединечните пресметки на плата на секој вработен кај работодавачот, во кои како ставка треба да стои покрај другите додатоци и додатокот за работен стаж. Работодавачот е должен при секоја исплата на плата на секој вработен да му врачи поединечна пресметка на плата во која е содржана висината на основната плата, додатоците на плата согласно закон и придонесите од задолжително социјално осигурување“, велат од Државниот инспекторат за труд.
Податоците на Државниот инспекторат за труд покажуваат дека во 2019 година на ниво на цела држава има извршено 12. 802 редовни надзори и има изречено 259 инспекциски мерки наредба, како и дадена една покана за порамнување. Во 2020 година се извршени 3587 редовни инспекциски надзори и изречени се 47 инспекциски мерки – опомена и 107 инспекциски мерки – наредба. Во 2020 година, поради прогласување на пандемија од КОВИД -19 целокупните ресурси на инспекторатот за труд биле насочени со цел заштита на правата на работниците во оваа новонастаната состојба и тоа во насока на давање совети и препораки како и спроведување на Владини уредби и одлуки за време на вонредната состојба. Лани пак, извршени биле 2310 редовни инспекциски надзори и изречени се 265 инспекциски мерки – опомена и 19 инспекциски мерки – наредба. Шест работодавачи не постапиле по изречените инспекциски мерки со што на истите им е издадена покана за порамнување.
Извор: denar.mk