Стартува новиот начин на наплата на патарините. Двете патарини кај Велес и патарината пред влезот на Куманово веќе функционираат со електронска наплатна рампа.
До крајот на месецов со смарт-картичка ќе се плаќа и на потегот од Табановце до Богородица. Наскоро ќе се обновува и целиот софтвер на наплата на патарините од Коридор 8.
„Веќе се комплетно спремни Романовце, Сопот и Отовица, правиме напори и за патарината кај Стоби бидејќи таму се гради нова која треба да биде готова некаде во октомври и се гради со новиот електронски систем, но сега сакаме на постоечката да го промениме само софтверот,“ вели Зоран Китанов, директор на ЈП „Државни патишта“.
Картичките ќе се набавуваат на бензиските пумпи и ќе бидат бесплатни. Истите ќе можат да се надополнуваат на наплатни пунктови на патарините, границите или преку посебна апликација на телефон или лаптоп. На граѓаните им се допаѓа новиот метод на наплата. Велат дека начинот на надополнување на картичката може да биде комплициран, но со сигурност ќе се намалат гужвите и ќе има побрз проток на возилата.
Инаку Јавното претпријатие „Државни патишта“ во првата половина од 2018 од наплатата на патарини инкасирала 55 милиони денари повеќе од истиот период лани.
kanal5.com.mk