Владата на 26 јануари по препорака на Комисијата за заразни болести, донесе одлука наставата во основното и средното образование да продолжи со физичко присуство на учениците на 1 февруари.
Според нашите податоци нема потреба од онлајн учење во овој момент. Епидемиолошката состојба се менува секоја недела, а врз основа на тие податоци ние и ги носиме одлуките. Тоа значи дека од 1 февруари ќе се почне со физичко присуство во училиштата и како Министерството ќе преземеме превентивни мерки со случаен скрининг и зависно од регионот, градот или општината ако се појави епидемија.
СОНК во четвртокот побара од Владата да ја преиспита одлуката за почеток на второто полугодие со физичко присуство, со оценка дека во ситуација кога расте бројот на новозаболени треба да се започне со онлајн настава во првите две недели, а потоа да се согледа епидемиолошката ситуација за да се почне со физичко присуство.
Бараме преиспитување на одлуката од причина што сметаме дека процентот на новозаболени секојдневно е во нагорна линија и доколку учениците одат со физичко присуство постои реална можност училиштата да се претворат во кластери и вирусот побрзо да се шири. Од таа причина сметаме дека одреден временски период од пример две недели наставата да биде онлајн, па да се согледаат состојбите од ширење на вирусот и доколку е во надолна линија, да се направи проценка и да се види дали постојат услови за физичко присуство, рекоа од СОНК.
Барање за укинување на задолжителното носење маски во училиштата, уште претходно достави и Иницијативата „СТОП за носењето маски во училиштата“, која дури најави дека нивните членови нема да ги пуштаат децата на настава во второто полугодие со маски.
извор: biznisvesti.mk