Зголемените цени на храната придонесуваат за општиот пораст на инфлацијата, а ФАО предупредува дека зголемените трошоци ги ставаат на ризик посиромашните луѓе во земјите кои се потпираат на увоз.
Индексот на цените на храната пресметан од ФАО, кој ги следи месечните промени на цените на најтргуваните прехранбени производи на глобално ниво, во јануари во просек изнесуваше 135,7 поени наспроти ревидираниот декемвриски показател од 134,1 поени.
Агенцијата на ОН, со седиште во Рим, исто така ја зголеми проценката на глобалното производство на жито во 2021 година на 2,793 милијарди тони од претходно проценетите 2,791 милијарди тони.
ФАО соопшти дека цените на растителното масло се зголемиле за 4,2 отсто на месечна основа во јануари и достигнале рекордни нивоа поради намалувањето на обемот на извозот и другите ограничувања од страната на понудата, како што се недостигот на работна сила и неповолните временски услови.
„Постои загриженост дека ефектите од овие ограничувања нема брзо да се ублажат“, рече Бубакер Бен-Белхасен, шеф на Одделот за пазари и трговија на ФАО.
Меѓународните квоти на млеко и млечни производи во јануари пораснаа за 2,4 отсто, петти месец по ред, а најмногу скокнаа цените на обезмастеното млеко во прав и путерот.
Житариците поскапеа вкупно за само 0,1 отсто минатиот месец, при што пченката поскапе за 3,8 отсто во однос на декември поради постојаната суша во Јужна Америка, додека пченицата падна за 3,1 отсто, на што придонесоа обилните жетви во Австралија и Аргентина.
Цените на месото благо зајакнаа во јануари, додека цените на шеќерот паднаа за 3,1 отсто во однос на претходниот месец, делумно поради поволните производствени изгледи во главните земји извознички – Индија и Тајланд, соопшти ФАО.
Во посебен извештај, ФАО ја зголеми својата проценка за глобалното производство на жито во 2021 година поради поголемото производство на пченица во Аргентина и Австралија. како и во Русија и Украина, отколку што беше претходно предвидено.
„Светската сеидба на пченица се очекува да биде поголема во 2022 година, поттикната главно од поволните временски услови на северната хемисфера, иако високите трошоци за производство би можеле да ги одвратат одгледувачите од значително зголемување“, забележува ФАО.
извор: biznisinfo.mk