Германските производители би можеле да ги зголемат цените на своите автомобили, бидејќи побарувачката за нови возила ги надминува капацитетите ограничени поради недостигот на полупроводници
Ова го вели Економскиот институт „Ифо“ од Минхен, кој го составува најпопуларното деловно истражување во земјата, додавајќи дека состојбата во автомобилската индустрија се подобрила на почетокот на годинава, иако условите кај добавувачите не се подобриле.
„Можна причина за ова е што производителите на автомобили успеаја да привлечат клиенти и покрај зголемените цени“, вели Оливер Фалк, директор на Ифо Центарот за индустриска организација и нови технологии.
Доказите дека производителите на автомобили се во можност да им наплаќаат на клиентите повеќе може да укажат на повисоки инфлациски притисоци во најголемата европска економија. Годишниот раст на цените достигна шест проценти на крајот на минатата година, додека во последните недели беше помал од очекуваното.
Германската економија, која се заснова на индустриско производство, побавно закрепнува од последиците од пандемијата, која предизвика масовни отсуства на вработени (речиси една петтина во автомобилскиот сектор во декември).
Бројот на регистрации на нови автомобили во Германија минатата година има пад од 10% или 2,6 милиони возила, што во голема мера е предизвикано од глобалниот недостиг на полупроводници. Бидејќи бројот на произведени автомобили останува низок, а побарувачката е голема, производителите на автомобили се во позиција да ги зголемат цените, вели Фалк.
„Пазарот на нови автомобили е расчистен“, додаде тој. „Значи, дилерите можат да ги продаваат своите залихи на клиентите без да нудат попусти.