Во Грција, Бугарија и Косово од утре македонските граѓани ќе може да влегуваат само со европски сертификат за примени две или три дози од вакцината против ковид-19
Со најновата одлука на Владата на Косово, се укинува барањето за државјаните на Македонија при влез да приложат потврда за примена трета доза на вакцина против коронавирусот. Со новата одлука која ќе стапи на сила од утре, македонските државјани можат да влезат во Косово доколку поседуваат сертификат за примени две дози вакцини против ковид-19, или една доза, но со ПЦР-тест.
Вакцинираните и оние кои прележале ковид-19 и имаат валиден европски сертификат, од утре во Грција ќе патуваат слободно, без да биде потребно дополнително да се тестираат, додека пак за останатите, задолжителен е негативен резултат од ПЦР или рапид тест, согласно измените на мерките што утре стапуваат во сила, а важат и за државјаните на Македонија.
Олеснети се мерките за влез и во Бугарија со еден од овие документи – сертификат за примени две или три дози на вакцина против ковид- 19, сертификат за прележан ковид-19, негативен ПЦР или негативен антиген тест.
За патување во Албанија и понатаму остануваат истите правила кои се во сила од 6 септември и кои го обврзуваат секој кој влегува да поседува доказ за имунизација против ковид-19, но да поминале најмалку 2 недели од денот на примање на втората доза; негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или антиген тест не постар од 48 часа; доказ дека лицето прележало Ковид, документот мора да важи до 6 месеци по поминувањето на болеста.
Во Србија нема ограничувања за влез на македонските државјани во таа земја. Ограничувања има само доколку наши државјани влегуваат во Србија од други земји во светот за кои Србија има различни ограничувања.
Неодамна, протоколите за Ковид за нашите граѓани беа променети и од неколку европски земји. Норвешка ги укина ограничувањата, но бара да се пополни формулар пред да се допатува кај нив, како и задолжително приложување на негативен ПЦР тест направен 24 часа пред влезот во Норвешка, доколку лицето е постаро од 18 години и нема валиден сертификат за вакцинација или дека прележало ковид.
Ирска исто така ги олесни мерките за граѓаните на нашата земја. Патниците кои заминуваат за Ирска со потврда за вакцинација или доказ дека ја прележале болеста пред 6 месеци, не им треба негативен тест. Патниците се сметаат за вакцинирани ако го поминале прагот од две недели од примањето на втората доза.
За влез во европските земји, Европската комисија пред неколку месеци донесе регулатива со која сите патници кај кои поминале 9 месеци од примањето на втората доза се обврзани да покажат негативен ПЦР тест или да бидат ставени во карантин ако после 9 месеци не примиле трета доза.