Највисоката пензија во земјава со јануарското усогласување на пензиите од 2,9 проценти се искачи на речиси 1.000 евра.
Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во статистиката за јануари пресмета: МАКСИМАЛНАТА ПЕНЗИЈА ВО ЗЕМЈАВА ИЗНЕСУВА 59.674 ДЕНАРИ. Со зголемувањето на пензиите во првиот месец годинава најголемата пензија порасна за 1.700 денари (пред покачувањето беше 57,992 денари).
Колку се пензионерите среќници што навистина може да уживаат во пензионерските денови? Бројките на ПИОМ покажуваат дека 69 пензионери ја земаат најголемата пензија во земјава.
Пари анализираше, во квотата максимална пензија се сметаат пензиите што се исплаќаат во распон од 41,724 денари до 59,674 денари. Вкупно 1,339 пензионери со своите примања се квалификуваат во оваа квота. Од нив, најмногу или 876 пензионери земаат пензија од 43,465 денари. Над 54,000 денари пензија, пак, земаат 338 пензионери.
ПРОСЕЧНАТА ПЕНЗИЈА СЕ ЗГОЛЕМИ НА 16,297 ДЕНАРИ
Зголемувањето на пензиите во јануари се одрази и на просекот на исплатените пензии. Во однос на минатата година во декември кога просечната пензија изнесуваше 15,876 денари, со усогласувањето просечната пензија во јануари 2022 година изнесувала 16,297 денари ( за 421 денар повеќе).
ПРОСЕК НА ИСПЛАТЕНА ПЕНЗИЈА ЗА ЈАНУАРИ ПО ВИД НА ПЕНЗИЈА
СЕКОЈ ТРЕТИ ЗЕМА ПЕНЗИЈА НАД 18.000 ДЕНАРИ
Податоците на ПИОМ кај корисниците по група на исплата покажуваат дека од четири групи најголем дел или 101 392 пензионери (31.02%) земаат пензија над 18.000 денари. Сепак не е за занемарување ниту првата најниска група на пензии која е и втора по големина. Во оваа група која опфаќа 27,28% од пензионерите или во апсолутна бројка 89 174 пензионери земаат пензија до 11.500 денари.
СОСТОЈБА НА КОРИСНИЦИ ПО ГРУПИ НА ИСПЛАТА
НАЈНИСКИ ПЕНЗИИ
Кај најниските пензии остварени според три права, првото до 1996 година, второто од 1997 година и третото по 2002 година статистиката на ПИОМ покажала:
- до 1996- 10 652 пензионери земаат пензија од 12,576 до 13,172 денари
- од 1997 -4 423 пензионери имаат пензија од 10,276 до 11,469 денари
- по 2002 – 65 777 пензионери, што е речиси секој петти пензионер во државава зема пензија помеѓу 10,791 и 12,042 денари
Инаку, во јануари ПИОМ изброја 326 841 пензионер. Нови корисници на пензија има 1 400 од нив жени се 428, а мажи 972-ца. Истовремено, бројот на починати пензионери е поголем и во јануари изнесува 1 739, од нив мажи се 1 389, жени 350.
Во јануари на 308 429 пензионери им е направено заддршка од пензијата во износ од 30 денари чланарина за Сојузот на здруженија на пензионери. Вкупно се уплатени 9,319,650 денари. Од Солидарниот фонд се исплатени средства во износ од 43,830,000 денари, на ислатени 1,461 барање.
Извор: pari.com.mk